• e martë, 07 janar 2025

Г. Петар: Гревовната состојба на човекот е причина за оддалечувањето од Бога

Г. Петар: Гревовната состојба на човекот е причина за оддалечувањето од Бога

Битола, 6 декември 2024 (МИА)-Гревовната состојба на човекот, е причина за оддалечувањето од Бога и тоа не се случува наеднаш, туку полека, како залезот на Сонцето, каде што светлината не исчезнува веднаш, туку постепено, и на крајот, сè што останува е темнина, истакна утрово митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар.

Во своето Божиќно послание, митрополитот г. Петар посочи дека учењето кое го понудил Христос е токму лекот за нашата нечовечност.

-Укажавме зошто Бог стана човек. Сега, да се запрашаме зошто, или поточно да констатираме, дека денешниот современ човек за жал ја губи и самата човечност. Со својот пад преку првиот грев, човекот го наруши хармоничниот однос со Бога и со својот ближен. Слободата која му беше дадена од Бога, ја злоупотреби и стана непослушен. Човекот стана себичен и со тоа ја покажа нечовечноста. Нечовечноста и неморалноста на денешниот современ човек се пројавуваат во неговите злодела, одобрувајќи ги гревовите како нешто нормално и разурнувајќи ги духовните вредности во животот човечки, истакна митрополитот г. Петар.

Митрополитот г. Петар и годинава не пропушти да ги осуди насилството, развратот, суровоста, бескрупулозноста, себичноста, манипулативните идеологии кои според него стануваат секојдневие, не само како поединечни дејства, туку како начин на човечкото живеење.

-Заради Божјата милост, секогаш постои пат за враќање. Учењето кое го  понудил Христос е токму лекот за нашата нечовечност.  Христовата понизност да стане човек и неговата жртва на Крстот е симбол на најголемото добро и на најголемата љубов која ги надминува сите човечки слабости и нечовечни дела, нагласи митрополитот г. Петар.

Според востановената традиција митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар утре во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола ќе одржи утринска Божикна богослужба. мт/вг/

Фото: МИА

QËNDRONI TË LIDHUR