Во Струмица одбележани 21 година од загинувањето на претседателот Трајковски
- Пред споменикот „Македонија“, подигнат во чест на трагично загинатиот македонски претседател, Борис Трајковски, родната Струмица одбележа 21 година од неговата смрт.

Струмица, 26 февруари 2025 (МИА) - Пред споменикот „Македонија“, подигнат во чест на трагично загинатиот македонски претседател, Борис Трајковски, родната Струмица одбележа 21 година од неговата смрт.
Членови на семејството Трајковски, пријатели, претставници на локалната самоуправа, политички партии, институции и здруженија на граѓани со положување цвеќе и поклонување пред неговиот споменик ја искажаа својата почит.
За ликот и делото на претседателот Трајковски, зборуваше градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
-Како вчера да беше трагичниот 26 февруари, а еве поминаа 21 година од тој ден. Но, спомените за него и по толку време не бледеат. Тие се живи и ќе живеат во нас се додека постоиме. Таквите спомени ќе речат дека претседателот Трајковски го красеа мноштво човечки вредности и доблести. Нема човек во оваа наша македонска земја кој не знае дека нашиот Борис беше извонреден лик-вреден за голема почит, беше голем човек полн со разбирање и неизмерна љубов кон својот град, кон својата татковина и кон сите луѓе, без разлика дали се од село или од град, без разлика дали се од оваа или онаа етничка заедница, без разлика дали се обични граѓани-работници и земјоделци или се академци, политичари и бизнисмени и без разлика на нивната политичка или верска припадност. Беше полн со енергија и полн со верба во Македонија, рече Костадинов.
Во рамките на одбележувањето на годишнината од смртта на претседателот Трајковски, рецитатори од Домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица рецитираа пригодна поезија. рт/мд/
Фото:Општина Струмица