• e diel, 07 korrik 2024

Во Неготино најавена Астрономска работилница, набљудување на месечината преку телескопи

Во Неготино најавена Астрономска работилница, набљудување на месечината преку телескопи

Неготино, 5 јули 2024 (МИА) - Набљудување на месечината преку телескопи е целта на астрономската работилница што ќе се реализира на 10 јули, а беше најавена денеска во Неготино, од страна на организаторите на настанот, Локалната библиотека „Страшо Пинџур“ и Здружението на граѓани „Ековита".

На денешната најава за несекојдневната активност, беше кажано дека љубителите на астрономијата и природата ќе имаат можност да бидат дел од специјално доживување. Вечерта под отворено небо ќе се одржи во паркот спроти градскиот музеј, каде библиотеката има поставено едукативни табли со слики и интересни факти за планетите од сончевиот систем. 

Целта на работилницата, е, како што беше нагласено, популаризација на науката и природата и да се поттикне љубопитноста и интересот кај младите за астрономијата. Телескопите што ќе бидат достапни на настанот ќе овозможат детално и јасно набљудување на површината на месечината, младите посетители ќе имаат можност за правење слики и видеа.

- Со овој настан сакаме да им овозможиме на младите да ја доживеат убавината на ноќното небо и да научат повеќе за месечината и планетите во нашиот сончев систем, рече Кристина Тодорова, претставник од „Ековита". 

Покрај набљудувањето на месечината, младите учесници ќе имаат можност да се запознаат со ориентацијата на ѕвезденото небо, да ги запознаат соѕвездијата видливи во ноќта, а за ова ќе биде одговорен астрофизичар. Организаторите рекоа дека ова ќе биде одлична можност за присутните, креативно да го надополнат летниот распуст, учејќи и забавувајќи се под отворено небо.

- Набљудувањето на месечината преку телескоп е неверојатно искуство што сите треба да го доживеат. Покрај тоа што е едукативно, ова е и прекрасна можност за дружење и уживање во природата,  нагласи директорката Катерина Данаилова и ги повика младите да ја посетат библиотеката и да се запознаат со енциклопедиите и богатата стручна литература. 

При најавата за настанот, беше кажано дека опремата од телескопи е набавена преку проектот „Младински истражувачки хакатон на ,,Ековита“,  што преку Националниот младински совет, беше финансиски поддржан од Британската амбасада, а ќе се користи наредните години. свд/сст/


Фото : ,,Ековита"

QËNDRONI TË LIDHUR