• e shtunë, 20 dhjetor 2025

Во Куманово петти по ред меѓународен боксерски турнир „Мирослав Петровиќ“

Во Куманово петти по ред меѓународен боксерски турнир „Мирослав Петровиќ“

Куманово, 5 јуни 2025 (МИА) - Во Куманово ќе се одржи петтиот по ред меѓународен боксерски турнир, „Мирослав Петровиќ“ информираа организаторите на денешната прес-конференција.

Турнирот ќе почне утре и ќе трае сѐ до 9 јуни и ќе се одржи на градскиот плоштад. Ќе учествуваат 120 боксери во сите категории од девет држави. Организатори на турнирот се Светската федерација на боксот, Националната федерација на боксот, општина Куманово и боксерски клуб „Куманово 84“.

- Петти по ред турнир којшто го организираме во Куманово во чест на познатиот Мирослав Петровиќ. Годинава, за првпат е поддржан и од Светската федерација во боксот, се надевам дека така ќе продолжи и понатаму. Се надеваме дека ќе имаме голема посетеност зашто Куманово е познато по однос на љубовта кон боксот, како и традицијата која што имаме во боксот. Благодарност до Министерството за спорт, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски за поддршката, изјави, претседателот на националната федерација на бокс, Кристијан Андреевски.

Тој се надева дека настанот што традиционално предизвикува внимание кај јавноста, ќе придонесе за афирмација на Куманово како спортски град.

Александар Крстевски од општина Куманово рече дека турнирот е еден од најголемите во државата и за првпат ќе се одржи на градскиот плоштад.

-Се надеваме дека следната година ќе биде уште поголем и воедно сакам да ги поканам сите наши сограѓани, да дојдат, да присуствуваат да ги видат магиите на боксерите, да ја видат оваа вештина и да привлечеме млади, изјави Крстевски.

Самет Салиевски претседател на боксерскиот клуб „Куманово 84“ кажа дека турнирот посветен на Мирослав Петровиќ, го слави боксот и градот кој даде два олимпијци Аце Русевски и Реџеп Реџеповски.

- Борбите почнуваат во сабота од 18 часот, а во недела има две сесии од 18 и финале од 19. 30 кога ќе имаме 16 борби, рече Салиевски.

Организаторите се заблагодарија лично на министерот за спорт, Борко Ристовски, вицепремиерот Иван Стоиљковиќ, градоначалниците Максим Димитриевски и Борче Митевски, како големи поддржувачи на боксот, сојузот на спортски федерации, Мартин Клинчаров. ам/сст/


Фото МИА и плакат 

 

QËNDRONI TË LIDHUR