Во Кочани промовирана книгата „Писмата на Љубомир Милетич до Афанасиј М. Селишчев (Историја на една мистификација)“
- Во библиотеката „Искра“ во Кочани денеска беше промовирана книгата „Писмата на Љубомир Милетич до Афанасиј М. Селишчев (Историја на една мистификација)“ од авторите Бранислав Светозаревиќ и Драган Јаќоски. Исто така, беше отворена и изложба на документи по повод 80 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ.
Кочани, 22 јануари 2025 (МИА) – Во библиотеката „Искра“ во Кочани денеска беше промовирана книгата „Писмата на Љубомир Милетич до Афанасиј М. Селишчев (Историја на една мистификација)“ од авторите Бранислав Светозаревиќ и Драган Јаќоски. Исто така, беше отворена и изложба на документи по повод 80 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ.
Двата настана се реализираа во соработка со Државниот архив и Институтот за национална историја и беше нагласено дека се работи за важни авторски трудови поврзани со фактографијата за самобитноста и идентитетот на македонскиот народ.
Коавторот на книгата, Светозаревиќ истакна дека во неа меѓу другото, се наведени писмата со кои претседателот на Македонскиот научен институт од Софија, Љубомир Милетич го убедувал и му нудел пари на големиот руски славист да го измени насловот на својот научен и докторски труд и наместо македонско, лажно да прикаже дека на територијата на Македонија живеело бугарско население.
-Насловот на книгата на Селишчев од 1918 година, преведен на македонски јазик е „Есеи за македонската дијалектологија“ и со овој труд тој докторирал на универзитетот Ломоносов. Во него ги опфатил сите македонски дијалекти, меѓу кој и оној од Полог, и експлицитно укажува дека постојат Македонци уште од крајот на 19 век. Истражувајќи ги фактите согледав дека нема никаква логика по 11 години тој да ја издаде книгата „Полог и неговото бугарско население“, па заедно со колегата Јаќоски ги пребаравме архивските фондови низ светот и утврдивме дека во 2002 година е издадена книга на асистентот на Селишчев, Самуилович Бернштајн. Во неа тој сведочи дека една бугарска делегација од професори дошла кај Селишчев за да го убедува со големи хонорари, да му ја испечатат книгата на руски и германски јазик и да стане почесен член на бугарската академија. Притоа побарале да се направат измени на насловот и книгата да биде „Есеи за македонската дијалектологија на бугарскиот јазик“ и нешто внатре да се стави бугарско население, бугарски јазик и дијалекти. За голема среќа, во тоа време Селишчев ги одбил, истакна Светозаревиќ.
На отворањето на изложбата „АСНОМ - израз на суверената волја на македонскиот народ за остварување на неговото право на самоопределување“ беше истакнато дека тоа е прво гостување по првичното претставување во Скопје, во ноември минатата година.
-Државниот архив во своите депоа чува 22 кутии коишто имаат повеќе од 10 илјади документи посветени на АСНОМ. Формирањето на фондот почнува од 1960 година и завршува во 1985 година кога се собрани сите архивски материјали. Преку 22 паноа го претставуваме формирањето на народноослободителната војска, првите иницијативи за одржувањето на АСНОМ, неговиот тек и донесувањето на најзначајните државотворни одлуки, се формирањето на првата народна влада, истакна авторката на изложбата Јасмина Дамјановска.
Од Државниот архив најавија дека по гостувањето во Кочани, изложбата по повод 80 години АСНОМ ќе биде претставена и во другите градови во државата.та/вј/
Фото: МИА