Буџетот на Грција за 2026 година пред грчките пратеници
- Во грчкиот Парламент денеска започна петдневната расправа за државниот буџет за 2026 година, а гласањето е закажано за во вторник на полноќ, кое традиционално во Грција се смета како глас за доверба на актуелната Влада, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 12 декември 2025 (МИА) – Во грчкиот Парламент денеска започна петдневната расправа за државниот буџет за 2026 година, а гласањето е закажано за во вторник на полноќ, кое традиционално во Грција се смета како глас за доверба на актуелната Влада, јави дописничката на МИА од Атина.
Буџетот, меѓу другото предвидува раст од 2,4 отсто, дополнително намалување на невработеноста на 8,6 проценти, зголемување на инвестициите, намалување на инфлацијата на 2,2 отсто, а веќе доби зелено светло од надлежната парламентарна комисија за економски прашања, но само од пратениците на владејачката Нова демократија.
Министерот за национална економија и финансии на Грција Кирјакос Пиеракакис пред три седмици на претседателот на Парламентот Никитас Какламанис, како и секоја година му го достави УСБ стикот со буџетот, но за првпат, беше доставен и во целосно дигитална форма, достапен преку QR-код што води до сајтот на министерството, хостиран на G-Cloud.
Во дописот до пратениците, министерот објасни дека стапката на раст се очекува да изнесува 2,2 отсто во 2025 година и 2,4 проценти за следната, наспроти 1,3 и 1,2 отсто во Еврозоната, а номиналниот БДП се очекува да се зголеми од 248,7 милијарди евра во 2025 на 260 милијарди евра во 2026, додека инфлацијата се предвидува да се намали од 2,6 на 2,2 проценти.
- Почетокот на 2026 година ќе ја затекне грчката економија во услови на континуиран динамичен раст, во меѓународна средина што и понатаму се одликува со геополитичка неизвесност, променливи услови на глобалната трговија и енергетските пазари, како и ризици за фискалната и политичката стабилност во големите европски економии. И покрај неизвесноста во глобалната економска средина, се предвидува дека грчката економија ќе продолжи шеста година по ред да бележи значително повисока стапка на реален раст од просекот на Еврозоната, пишуваше во дописот за буџетот за следната година.
На петдневната расправа и кусо пред гласањето, говори ќе имаат лидерите на партиите и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Од синдикатот на вработените во државниот сектор (АДЕДИ) за вторник, односно за денот кога ќе се гласа буџетот, закажаа 24-часовен генерален штрајк.
Грчкиот премиер на денешниот состанок на пратеничката група на Нова демократија се осврна и на буџетот за кој рече дека е „општествен и развоен, реален и во исто време реформски“.
- Со многу трајни мерки кои пред сè ја поддржуваат средната класа, со посебен акцент на младите, на семејствата со деца, кои се грижат за нашите сограѓани во помалите места и особено во пограничните области, со силен механизам за заштита на најранливите и со постојан водич — континуираното намалување на даноците и зголемувањето на реалните примања. Нашиот план, сепак, не ја определува само економската политика за 2026 година. Паралелно ја специфицира и нашата национална стратегија до 2030 година, за земјата која, секако, е многу поинаква од онаа што ја затекнавме, посочи Мицотакис. ср/јт/