Бугарскиот Парламент одобри создавање на државен синџир продавници за прехранбени стоки
- Бугарскиот Парламент одобри создавањето на комерцијална компанија – ЕАД, која ќе тргува со основни прехранбени производи преку синџири на продавници со продажна маржа до 10 проценти. Предлогот, вклучен во предлог-законот за државниот буџет за 2025 година, поднесен од пратеникот Јордан Цонев од „ДПС-Нов почеток“, беше усвоен со 117 гласа „за“, 102 пратеници гласаа „против“, а двајца беа воздржани
- Post By МИА Агенција
- 16:12, 21 mars, 2025

Софија, 21 март 2025 – Бугарскиот Парламент одобри создавањето на комерцијална компанија – ЕАД, која ќе тргува со основни прехранбени производи преку синџири на продавници со продажна маржа до 10 проценти. Предлогот, вклучен во предлог-законот за државниот буџет за 2025 година, поднесен од пратеникот Јордан Цонев од „ДПС-Нов почеток“, беше усвоен со 117 гласа „за“, 102 пратеници гласаа „против“, а двајца беа воздржани.
Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Планирано е сопственик на капиталот на новото трговско друштво да биде Министерството за земјоделство и храна. Компанијата ќе врши трговија со храна и други основни производи преку синџири на продавници, пред сè од бугарски производители, со трговска маржа до 10 проценти. Пратениците го задолжија Министерскиот совет во рок од еден месец да ги преземе сите неопходни активности за формирање на компанијата и нејзиното функционирање. Според усвоените текстови, друштвото е основано со капитал од 10 милиони лева.
При разгледувањето на предлогот пред една недела во собраниската Комисија за буџет, подносителот Јордан Цонев рече дека новата компанија ќе го скрати синџирот на снабдување со храна од производителот до крајниот купувач, а и ќе ги намали цените на стоките, кои во одредени случаи се шпекулативно напумпани. Тој посочи дека слични продавници има и во земји како Германија и Франција.
Создавањето на државен на продавници со прехранбени стоки со контролирано потекло и цени е најважниот чекор што треба да го направи државата за да се зауздат шпекулациите на препродавачи, синџири и картели, да се поддржи куповната моќ на луѓето и пристапот до квалитетни и достапни прехранбени производи, дури и во најмалите населени места, се наведува во предлогот за измени и дополнувања на Законот за државен буџет за 2025 година.
Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.