• e martë, 11 shkurt 2025

„Безбеден град“ и доизградба на булеварот „Партизанска“ беа темите на штипскиот Локален совет за превенција

„Безбеден град“ и доизградба на булеварот „Партизанска“ беа темите на штипскиот Локален совет за превенција

Штип, 10 февруари 2025 (МИА) – Локалните и државните институции во Општина Штип на денешната седница на Локалниот совет за превенција, што го организираше градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, беа информирани и дискутираа за проектот „Безбеден град“ и за доизградбата на булеварот „Партизанска“.

Јорданов истакна дека во рамките на проектот „Безбеден град“ ќе имаат активности во делот на  обележување на сите пешачки премини и сообраќајници и поставување на видео камери.  

-Општина Штип во соработка со останатите институции ќе изработи план за безбедност во сообраќајот. Во периодот кој следи ќе бидат соодветно обележани сите пешачки премини и сообраќајници, заштита на тротоарски површини, а исто така ќе имаме и поставување на безбедносни камери и спроведување на проектот „Безбеден град“. Ова е со цел да го превенираме се она што како девијантна појава се случуваше во изминатиот период, изјави Јорданов.

Тој додаде дека изминатиот период девијантите појави во сообраќајот беа загрижувачки. Паркирањето по тротоари и коловози, непочитување на сообраќајните правила и прописи, како и неприлагодената брзина на возење, наведе, се почеста слика. Токму затоа општината заеднички со надлежните институции преземаат мерки и активности за поголема безбедност.

На денешната седница на Локалниот совет за превенција на Општина Штип институциите беа информирани и за доизградбата на булеварот „Партизанска“, а  13 објекти кои се наоѓаат на трасата на булеварот ќе бидат дислоцирани. Семејствата кои живеат таму ќе добијат соодветно место за живеење. Со изградбата на типските куќи во населбата Света Недела, се овозможува жителите од објектите  старото Нервно одделение да бидат дислоцирани, а со тоа да продолжи и реализацијата на булеварот „Партизанска“.

-Имајќи во предвид дека проектот предвидува да се поврзе  булеварот со населбата Осми Номеври одредени објекти кои се наоѓаат на самата траса ќе треба да бидат дислоцирани, а со самото тоа и неколку фамилии кои времено се сместени на оваа локација ќе бидат преместени, рече Јорданов.

Тој потенцираше дека решавањето на овој проблем со дислокација на семејствата нема етничка поврзаност. Во соработка со надлежните институции се работи за да може да продолжи изградбата на булеварот „Партизанска“. вдј/цр

Фото: МИА          

QËNDRONI TË LIDHUR