АХВ организира симулациска вежба за болеста чума кај мали преживари од 25 до 27 март
- Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со Организацијата за храна и земјоделство на Организацијата на Обединети нации (FAO), од 25 до 27 март годинава, ќе спроведе симулациска вежба за болеста чума кај мали преживари. Цел на вежбата е да се утврдат добрите и слабите страни на одговор при евентуална појава на болеста, која е предмет на планови за итни мерки на АХВ.
- Post By Лидија Велковска
- 16:36, 21 mars, 2025

Скопје, 21 март 2025 (МИА) - Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со Организацијата за храна и земјоделство на Организацијата на Обединети нации (FAO), од 25 до 27 март годинава, ќе спроведе симулациска вежба за болеста чума кај мали преживари. Цел на вежбата е да се утврдат добрите и слабите страни на одговор при евентуална појава на болеста, која е предмет на планови за итни мерки на АХВ.
Од АХВ денеска во соопштение потенцираа дека активностите кои ќе бидат преземени се исклучиво во рамки на предвидените за реализација на симулациската вежба, односно, не станува збор за реална ситуација и појава на жариште на болеста чума кај малите преживари.
На вежбата ќе присуствуваат претставници од АХВ, од Ветеринарната комора на РСМ, од Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, експерти од Европската унија како и претставници од Сојузот на здруженија на одгледувачи на овци „Модерен овчар”.
Првиот дел од симулациската вежба (теоретско – практичен) ќе се спроведе на 25 и 27 март (вторник и четврток) на Факултетот за земјоделски науки и храна, додека вториот дел (теренски) ќе се реализира на 26 март (среда) во село Брњарци, општина Гази Баба.
- По спроведување на вежбата ќе се направи евалуација на подготвеноста на Агенцијата за храна и ветеринарство за одговор при појава на болеста, а ќе се реализираат активности за подобра подготвеност на институциите и засегнатите страни при појава на особено опасни заразни болести како што е болеста чума кај мали преживари, информира АХВ. лв/дма/
фото:МИА архива