Апасиев: Ако Гаши донесеше решение за поништување на надзорната расправа на Анкетната комисија, тоа би било предмет на понатамошна судска постапка пред Уставен
- Димитар Апасиев, претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на денешната прес-конференција во Собранието информира дека и покрај, како што рече, сите правни перипетии и обиди за саботажа одлучил надзорната расправа за аерозагадувањето да се спроведе на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот и тоа согласно првично предвидениот распоред – денеска во 11 часот во салата „Борис Трајковски“.
- Post By Фатиме Фазљији
- 11:47, 25 shkurt, 2025

Скопје, 25 февруари 2025 (МИА) - Димитар Апасиев, претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на денешната прес-конференција во Собранието информира дека и покрај, како што рече, сите правни перипетии и обиди за саботажа одлучил надзорната расправа за аерозагадувањето да се спроведе на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот и тоа согласно првично предвидениот распоред – денеска во 11 часот во салата „Борис Трајковски“.
-Ова го темелам на тоа што имам добиено допис од страна на спикерот на Собранието од 4.2.2025 со кое тој ми го препраќа барањето на 20 пратеници со кои тие бараат оваа Комисија да свика надзорна расправа. Јас како претседател на Комисијата, односно службено лице овластено да ја свика оваа Комисија имам не само право, туку и обврска тоа да го направам согласно член 21 став 3 од Законот за Собранието и согласно член 214 став 5 од Деловникот. Оттука, доколку не го сторам тоа, ризикувам кривична пријава за непостапување односно неизвршување службено дејстиве од страна на 20-те пратеници коишто побарале од мене да ја свикам оваа надзорна расправа, рече Апасиев.
Тој потенцира дека во текот на овие денови имал правна недоумица, односно како што посочи спикерот му пратил втор допис со којшто го известил за некакво мислење на Комисијата за деловнички мандатно имунитетни прашања на што тој поднел управен приговор со којшто го спори ова мислење.
-Имено, ова мислење не значи автентично толкување и тоа нема задолжителна правна сила ниту за спикерот, а ниту за мене. Дотолку повеќе усвоеното правно мислење е резултат на потенцијален судир на интереси на претседавачот Миле Лефков за кој ние ќе поведеме и постапка пред ДКСК. Оттука сметаме дека се исполнети сите законски и деловнички услови оваа прва надзорна расправа во овој парламентарен мандат да се одржи во онаа Комисија која што ја избрале 20-те пратеници. Имено, во случај на преклопување на надлежности, а тоа е ваквиот случај каде што три комисии имаат надлежност за ова правно прашање, правото на избор е неприкосновено на подносителите на барањето, во случајот тоа се 20 потпишани опозициски пратеници, рече тој.
Апасиев нагласи дека доколку спикерот на Собранието Африм Гаши донесеше решение за поништување на надзорната расправа на Анкетната комисија, тоа би било предмет на понатамошна судска постапка пред Уставниот суд.
-Во овој случај не постојат предуслови за такви правни инструменти, затоа што претседателот според мое уверување, не донесе никакво правен акт со којшто ја поништува првично закажаната комисија. Ако следите на собранискиот веб-сајт, таа Комисија не беше симната од дневен ред и таа, откако јас ја закажав таа комисија стои. Спикерот Гаши знае дококу донесе такво решение за поништувње тоа би било предмет на понатамошна судска пред Уставниот суд. И според мене затоа до денот на одржување и до часот на одржување тој не донесе такво решение. Оттука отпаѓаат правните претпоставки за поведување на таков спор пред Уставен, рече тој.
Апасиев информира дека на надзорната расправа поканети се 40 гости и посочи оти заклучоците се носат на крајот. Потенцира дека за самата надзорна расправа согласно Деловникот не е потребен кворум за работа.
-Оттука покрај членовите и замениците на Постојаната анкетна комисија, право на присуство и учество и поставување прашања имаат сите пратеници. Во исто време, гледате дека се закажани дузина комисии, така што е уште еден обид на саботажа. Но секој кој сака да присуствува има можност сега да присуствува, рече Апасиев. фф/ац/
Фото: МИА