Штип се подготвува за Ч’трсе, обичај кој е на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО
- Штип се подготвува за милениумскиот обичај Ч’трсе. Штипјани со искачување на тврдината Исар и фрлањето на 40 каменчиња кон реката Брегалница го негуваат обичајот, кој е предвестие на пролетта. Директорот на Дом на млади-Штип, Видан Лазарев најави богата музичко-забавна програма.
Штип, 25 февруари 2026 (МИА) – Штип се подготвува за милениумскиот обичај Ч’трсе. Со искачување на тврдината Исар и фрлањето на 40 каменчиња кон реката Брегалница, Штипјани го негуваат обичајот, кој е предвестие на пролетта. Директорот на Домот на млади-Штип, Видан Лазарев најави богата музичко-забавна програма. Литературни читања, музика, настапи на локални бендови и гости од други градови, организаторите подготвуваат целодневен настан за сите генерации граѓани. Централните случувања се планирани во Домот на млади, во зависност од временските услови.
- Општината е подготвена за следното издание на традиционалното издание Ч’трсе, како и секоја година имаме повеќе културни настани на овој ден. Ги почнуваме настаните најчесто со литературната дејност каде се промовираат и учествуваат поетите од нашиот град, меѓутоа и поетите од останатите градови. Потоа продолжува со музичката програма, која ние ја подготвуваме секоја година. Се надевам дека и во преговори сме да има гости од страна, како во литературниот така и во музичкиот дел. Се надеваме дека ќе успееме да се договориме и со некој од локалните фолклорни друштва, да настапат овој ден, како традиција која е низ годините - рече Лазарев.

Обичајот Ч’трсе е прво нематеријално културно наследство од нашата земја, кое е впишано на листата на УНЕСКО. Во Штип на Ч’трсе се е во знакот на бројот 40. Младите, па и повозрасните додека се искачуваат на тврдината Исар се поздравуваат со 39 лица, а 40-тото се бакнува, се собираат и 40 каменчиња, 39 се фрлаат кон реката Брегалница, а 40-тото се носи дома, се става под перница и се верува дека таа вечер се сонува животниот сопатник. Домаќинките прават 40 тиганици, пишии, а домаќините нудат по 40 чаши ракија. вдј/бак/
Фото: МИА архива