Честитка на Движењето ЗНАМ за изборната победа на партијата Прогресивна Бугарија на Румен Радев
- Движењето ЗНАМ за Наша Македонија упатува искрени честитки до господинот Румен Радев, како и до партијата Прогресивна Бугарија за остварениот изборен резултат на парламентарните избори во Република Бугарија. Очекуваме новата Влада да придонесе кон натамошно зајакнување на демократските процеси, владеењето на правото и доследно почитување на европските вредности и стандарди, вклучително и исполнување на Копенхашките критериуми, се вели во соопштението на Движењето ЗНАМ коешто МИА го објавува интегрално.
- Post By Фатиме Фазљији
- 17:15, 20 prill, 2026
Скопје, 20 април 2026 (МИА) - Движењето ЗНАМ за Наша Македонија упатува искрени честитки до господинот Румен Радев, како и до партијата Прогресивна Бугарија за остварениот изборен резултат на парламентарните избори во Република Бугарија. Очекуваме новата Влада да придонесе кон натамошно зајакнување на демократските процеси, владеењето на правото и доследно почитување на европските вредности и стандарди, вклучително и исполнување на Копенхашките критериуми, се вели во соопштението на Движењето ЗНАМ коешто МИА го објавува интегрално.
Движењето ЗНАМ изразува искрена надеж дека во претстојниот период ќе се отвори простор за зрел, отворен и конструктивен дијалог, кој ќе овозможи надминување на отворените прашања меѓу двете држави. Во таа насока, остануваме цврсто посветени на потребата од заштита и унапредување на правата на македонското малцинство во Република Бугарија, како и на целосно почитување на македонскиот идентитет, јазик, историја и културно наследство.
Воедно, го реафирмираме ставот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија дека уставни измени со цел внесување на бугарската заедница нема да бидат прифатени без јасни, цврсти и недвосмислени гаранции дека тоа претставува последно условување во процесот на деблокада на европскиот пат на државата.
Веруваме дека со политичка зрелост и взаемна почит може да се создаде нова клима на доверба која ќе придонесе за вистинско унапредување на билатералните односи меѓу двете држави. Таквиот развој е од суштинско значење и за стабилноста на регионот, но и за непречено продолжување на европскиот интегративен пат на Република Македонија, како стратешка определба на нашите граѓани.
Дијалогот, взаемната почит и принципиелниот пристап остануваат единствениот одржлив пат кон стабилни односи и европска перспектива во која Македонија ќе биде третирана со достоинство и рамноправност.
Центар за комуникации и аналитика на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија