• e mërkurë, 04 shkurt 2026

Старовиќ: Правосудните закони се во согласност со Уставот, но ќе побараме мислење од Венецијанската комисија

Старовиќ: Правосудните закони се во согласност со Уставот, но ќе побараме мислење од Венецијанската комисија

Белград, 3 февруари 2026 (МИА) - Министерот за европски интеграции на Србија, Немања Старовиќ, денеска изјави дека новиот пакет судски закони е целосно во согласност со уставните принципи од 2022 година, но ќе биде побарана анализа на Венецијанската комисија на Советот на Европа и ќе се направат измени доколку е потребно.

Тој нагласи дека законите ќе стапат во сила без оглед на тоа.

Власта тврди дека измените се неопходни за поефикасно судство, додека критичарите предупредуваат дека тие директно ја загрозуваат независноста на судството и независноста на обвинителството во Србија.

Измените беа донесени во Собранието на Србија на 28 јануари, а претседателот Александар Вучиќ ги потпиша два дена подоцна.

Старовиќ рече дека Србија продолжува со техничките подготовки за отворање нови кластери во преговорите за пристапување кон ЕУ за што ќе придонесе и работата на новоформираниот оперативен тим.

Тој истакна дека главните задачи на Оперативниот тим се да ги потврди сите предуслови за отворање на Кластер 3, иако според ЕК, Србија ги достигнала пред четири години, за исполнување на преодните критериуми за поглавјата 23 и 24, како и понатамошна работа на отворањето на преостанатите групи поглавја од преговорите.

На 26 јануари, Владата на Србија формираше Оперативен тим за процесот на пристапување кон ЕУ, чија улога треба да биде „координирање на забрзаното спроведување на сите обврски на европскиот пат на Србија“. Првиот состанок на тој тим беше одржан на 30 јануари .

Пакетот закони беше донесен без јавна дискусија и без да се добие мислење од Високиот судски совет и Високиот обвинителски совет, а на донесувањето на законот реагираа и претставници на ЕУ, посочувајќи дека  се донесени во забрзана постапка, без консултации и без усогласување со европските стандарди. зш/ми/

QËNDRONI TË LIDHUR