Скопската Зоолошка организира прослава за првиот роденден на гибонот Мики
- Приказна што почна тешко, но заврши со надеж, љубов и среќен крај. Мики како бебе, на возраст од неколку месеци, беше отфрлен од мајката и се соочи со сериозни повреди на главата и епилептични напади. Во овие најкритични моменти неговиот живот зависеше од човечка грижа, посветеност и борба. Нашата зоонегувателка Зера 24 часа дневно беше покрај него, со мала помош од колешките дадилки, без ниту еден момент да остане сам. Со многу љубов, трпение и стручна грижа, Мики денес е здраво, активно и разиграно младо гибонче, пишува во објавата.
- Post By Блаже Дарудов
- 13:41, 17 mars, 2026
Скопје, 17 март 2026 (МИА) - Посебна и емотивна прослава, прв роденден на малиот гибон Мики во скопската Зоолошка градина - најавија денеска од установата на „Фејсбук“.
- Приказна што почна тешко, но заврши со надеж, љубов и среќен крај. Мики како бебе, на возраст од неколку месеци, беше отфрлен од мајката и се соочи со сериозни повреди на главата и епилептични напади. Во овие најкритични моменти неговиот живот зависеше од човечка грижа, посветеност и борба. Нашата зоонегувателка Зера 24 часа дневно беше покрај него, со мала помош од колешките дадилки, без ниту еден момент да остане сам. Со многу љубов, трпение и стручна грижа, Мики денес е здраво, активно и разиграно младо гибонче - пишува во објавата.
Преку прославата, како што посочуваат, сакаат да ја споделат неговата инспиративна приказна со јавноста, но и да потсетат оти гибоните се загрозен вид, кој има потреба од заштита.
- Истовремено, сакаме јасно да укажеме дека мајмуните не се домашни миленици, а човечката грижа во случајот на Мики беше единствена шанса за негов опстанок. Овој настан е и можност да им оддадеме искрено признание и благодарност на сите што беа дел од неговото спасување, но најмногу на нашата колешка Зера за нејзината неверојатна пожртвуваност, како и на целиот тим, кој учествуваше во неговото лекување, рехабилитација, социјализација и секојдневна грижа - се додава во објавата.
Зоолошката градина ги повикува заинтересираните да го запознаат Мики, кој сега бил успешно ресоцијализиран и живее заедно со својата сестра Делфина.
- Се гледаме кај летниковецот пред мајмунарницата в четврток во 12 часот - порачаа од Зоолошката. бд/са/
Фото: Зоолошка градина - Скопје