Пробивањето и уредувањето на дел од булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово во фаза на реализација
- Со реализацијата на проектите, Куманово ќе добие уште еден кружен тек
Куманово, 16 април 2026 (МИА) - Изградбата на новиот кружен тек во Куманово и пробивање на кракот на булеварот ќе завршат до крајот на годинава, соопштија денеска надлежните. Тендерската постапка е завршена, избран е изведувач и претходно решени се имотно-правните односи. Проектот е во фаза на реализација.
-Тоа се два проекти, пробивање на булеварот и изградба на кружен тек и дополнително проширување на една лента на „Доне Божинов“, до самиот кружен тек-рече градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Во периодов, градежни активноси има на булеварот „Октомвриска револуција“ кон улицата „Братство и единство“, по пробивањето на трасата ќе следи изградба на атмосферска канализација, замена на водоводната мрежа и приклучување на гасовод.

- Извршена е експропријација, изработен е проект, обезбедени се средства и влеговме во фаза на реализација. Но, според мерењата, треба да има проширување од по еден и пол метар од левата и десната страна, што значи дека ќе треба да се отстранат потпорните ѕидови кај Домот за стари лица „Зафир Сајто“ и Пензионерскиот дом. Дополнително, на таа локација има и објект за продажба за кој е поднесено барање за легализација-рече Димитриевски.
По завршувањето на овој крак, ќе започне изградбата на кружниот тек, со цел да се обезбеди непречен сообраќај во текот на градежните активности. Со реализацијата на проектите, Куманово ќе добие уште еден кружен тек, покрај веќе изградените на булеварот „Октомвриска револуција“, на влезот во градот, кај Серава и кај „Митев мост“. ам/дма/
Фото: Општина Куманово