Почна партерно уредување околу Спортската сала во Куманово
- Станува збор за проект за кој општина Куманово аплицираше на вториот владин повик за финансиска поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти. Од вкупно 27-те проекти, едниот се однесува за партерно уредување, реконструкција на спортска сала и изградба на систем за ладење и греење, како и за електрика, фотоволтаици, реконструкција, односно изградба на фотоволтаичен систем на спортската сала.
Куманово, 29 јануари 2026 (МИА) - Почна партерното уредување околу спортската сала во Куманово, соопштија денеска надлежните.
-Во тек е партерно уредување околу објектот на спортската сала. Продолжуваме да работиме до целосна реконструкција на нашата градска убавица. Следува поставување на комплетно нов систем за греење и ладење, како и фотоволтаици, најави кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Станува збор за проект за кој општина Куманово аплицираше на вториот владин повик за финансиска поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти. Од вкупно 27-те проекти, едниот се однесува за партерно уредување, реконструкција на спортска сала и изградба на систем за ладење и греење, како и за електрика, фотоволтаици, реконструкција, односно изградба на фотоволтаичен систем на спортската сала.

За партерно уредување, како што е наведено на електронскиот систем за јавни набавки одвоени се над 17,6 милиони (17.622.823,28) денари со данок на додадена вредност. На почетокот од јануари, годинава избрана е фирма и за термотехнички инсталации и опрема (ладење и греење). За оваа намена одвоени се над 52,8 милиони денари (52.884.457,66).
Реконострираната сала беше промовирана на 2 август, лани со кошаркарски натпревар. Реконструкцијата на салата чинеше нешто повеќе од 121 милион денари или околу 2 милиони евра, а дополнителни 550 илјади евра беа обезбедени преку Североисточниот плански регион, изјави тогаш Димитриевски.
Реконструкција на салата опфати замена на кровниот покривач со изолација, изработени се нови епоксидни подови, обновени се сите санитарни јазли, реконструирана е фекалната и атмосферската канализација. Спортскиот терен доби современ покривач, целосно е реконструирана боксерската сала и изградена е стрелана за спортска стрелба. Салата располага и со нови соблекувални, теретана и современ систем на осветлување, нов семафор, трибини.
Салата сега согласно стандардите на ФИБА има капацитет од околу 3.200 до 3.300 седишта. Спортската сала во Куманово е изградена пред четири и пол децении и е една од најубавите затворени сали во државата и пошироко. ам/вј/
Фото Општина Куманово