ФИНКИ со дводневна програма посветена на дигитална пристапност и инклузивен развој
- Дигиталната еднаквост и пристапноста на веб-страниците ќе бидат во фокусот на дводневната програма што денеска и утре ќе се одржи на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во рамки на проектот WebEmpower.
- Post By Борис Куноски
- 07:09, 24 mars, 2026
Скопје, 24 март 2026 (МИА) - Дигиталната еднаквост и пристапноста на веб-страниците ќе бидат во фокусот на дводневната програма што денеска и утре ќе се одржи на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во рамки на проектот WebEmpower.
Како што информираат од ФИНКИ, иницијативата има за цел да ја поттикне националната дискусија за подобрување на пристапноста на дигиталните услуги, со посебен акцент тие да бидат употребливи за сите граѓани, вклучително и лицата со попреченост и повозрасните корисници.
Денеска ќе бидат организирани тематски работилници наменети за веб-администратори, ИТ професионалци и претставници на организации на лица со попреченост, со цел унапредување на практичните знаења и примената на пристапни дигитални стандарди.
Централниот настан – „Меѓународна тркалезна маса за дигитална пристапност“ – е предвиден за утре, со учество на експерти од Белгија, Словенија и Северна Македонија. Според организаторите, дискусијата ќе ги опфати најдобрите европски практики и можностите за нивна примена во домашниот дигитален екосистем.
Проектот WebEmpower е поддржан од Министерството за дигитална трансформација на Република Северна Македонија, а финансиски е обезбеден од Центарот за меѓународна соработка и развој (CMSR) на Република Словенија, во рамки на програмата Slovenia Aid & Partnerships.бк/са/
Фото: ФИНКИ