Вицегувернерите на Народната банка, Ана Митреска и Игор Величковски, ќе дадат свечена изјава пред претседателот на Собранието
- Вицегувернерите на Народната банка на Република Северна Македонија, Ана Митреска и Игор Величковски, денеска ќе дадaт свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши.
- Post By Фатиме Фазљији
- 06:48, 9 prill, 2026
Скопје, 9 април 2026 (МИА) - Вицегувернерите на Народната банка, Ана Митреска и Игор Величковски, денеска ќе дадaт свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Собранието вчера ги избра Митреска и Величковски за вицегувернери со мандат од седум години на предлог на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Ана Митреска е реизбрана за втор мандат на функцијата вицегувернер по првото именување во октомври 2018 година. Таа е магистер по монетарна економија и има повеќе од 25 години работно искуство во Народната банка. Во досегашната кариера дала значаен придонес во областа на макроекономските анализи, среднорочните проекции и истражувачката дејност, а активно учествувала и во комуникацијата со меѓународните финансиски институции и со агенциите за кредитен рејтинг. Митреска е авторка на повеќе научни и стручни трудови од областа на монетарната и фискалната политика.
За вицегувернер е избран и Игор Величковски, долгогодишен истакнат професионалец во областа на платните системи и финансиските пазари. Тој е доктор по монетарна економија на Универзитетот во Стафордшир, Велика Британија, и повеќе од 30 години е дел од Народната банка. До изборот на функцијата вицегувернер Величковски беше директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи, при што беше вклучен во клучни реформи на платната инфраструктура и процесите на нејзина модернизација, како и во приклучувањето на земјата кон Единствената европска област за плаќања - СЕПА во 2025 година.
Во текот на собраниската расправа пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ изрази критики во однос на постапката и роковите за избор на вицегувернерите. Таа нагласи дека не ги оспорува професионалниот кредибилитет и биографиите на кандидатите, оценувајќи ги како „импозантни“, но посочи дека постапката за нивно предлагање и избор не била спроведена во согласност со законските рокови.
Лукаревска потсети дека мандатот на двајца вицегувернери истекол на 18 октомври 2025 година, а изборот е реализиран на 8 април 2026 година оценувајќи дека со тоа е прекршен Законот за Народната банка. Според неа, ваквото доцнење ги загрозува легалното функционирање, легитимитетот и кредибилитетот на Народната банка, особено во услови на економска и финансиска чувствителност. Најави дека пратеничката група на СДСМ ќе гласа против изборот, не поради кандидатите, туку, како што рече, „како аларм за непочитување на законите и роковите“. фф/бак/
Фото: МИА Архива