• e shtunë, 04 prill 2026

Мицкоски: Исполнети се условите да ги намалиме акцизите за дизелот за 4, а на бензините за 2 денара по литар (ДПЛ)

Мицкоски: Исполнети се условите да ги намалиме акцизите за дизелот за 4, а на бензините за 2 денара по литар (ДПЛ)

Скопје, 4 април 2026 (МИА) - Исполнети се условите да ги намалиме акцизите за дизелот за 4 денари, а на бензините за 2 два денара по литар, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски од Општина Илинден и додаде дека за утре во 11 часот веќе е закажана седница на Владата за донесување на мерки за заштита од поскапувањето на горивата.

-Берзата за нафтата се затвори во четвртокот заради велигденските празници и нашите калкулации покажуваат дека дизелот требаше да поскапи некаде околу 7 денари, а бензините 1,5 до два денара. Со промената на акцизите претпоставувам дека цената на дизелот во понеделник ќе се коригира за околу 3 денари. Имајќи предвид дека полека но сигурно истекува попустот што го дава Окта од 3 денари за дизелот ќе ги обновиме разговорите со нив за да видиме дали ќе го продолжат попустот и понатаму. Доколку го продолжат понатаму ќе нема зголемување за дизелот од максималната цена што ја утврдува Регуалаторната комисија за енергетика. За бензините значи дека ќе поевтинат околу половина денар и доколку Окта го продолжи попустот од два денара за литар тоа значи дека ќе имаме повторно намалување за 2,5 денари на цената на бензините, изјави Мицкоски и додаде дека секако тоа ќе се одрази на Буџетот.

Намалената акцииза, како што рече, ќе влијае со десетици милиони евра на Буџетот, но додаде дека во Буџетот има доволно средства заради домаќинското работење.

-Ги враќаме старите долгови од претходната влада на СДСМ и ДУИ. Треба да вратиме стари долгови од 2,5 милијарди евра. Веќе е исплатена првата рата од 25 милиони евра за солидарниот данок, ќе се реализираат сите колективни договори што ги имаме потпишано, како и мерките за помош на граѓаните. Разликата е што ние не карадеме како претходните и затоа има доволно пари во Буџетот, потенцира Мицкоски.

Најави дека за уште две недели ќе продолжи и мерката за намалено ДДВ за горивата од 10 проценти, а за понатаму, како што кажа, ќе се следи состојбата и ќе се реагира навреме. 

-Робусните мерки се првиот чекор кој го преземаме. Очекуваме тоа да влијае при контрола на инфлацијата. Очекувам инфлацијата во март да се движи накаде на половина од тоа што било лани во март, односно да биде некаде помеѓу 4 и 5 проценти. Цениме дека овие први робусни чекори го даваат својот ефект. Министерството за финансии анализира за сите основни прехранбени производи кои се со 5 проценти ДДВ да ги намалиме на 0 проценти, но тоа е премалку во споредба со овие поголеми мерки кои ги преземаме, рече Мицкоски.

Нашите прогнози и очекувања се, додаде, дека целата оваа криза ќе има продолжено дејство.

-Мора да се подготвиме за тешка година, но како и да е тука сме да ги следиме сите овие работи и да реагираме врз основа на приоритетите. Треба да се помине овој период, а не да се брои приходот, профитот и т.н.. Се подготвуваме за подолг и потежок период. И пред кризава планиравме некаде кон крајот на јуни да имаме рабаланс на Буџетот. Веќе се прават првичните анализи, очекувам во мај да биде подготвен и да ја помине владината процедура, во јуни да се даде на собраниска постапка и јули да го почнеме со ребалансираниот буџет, појасни Мицкоски.

Потенцира дека имаме доволно нафтени деривати.

-Во моментов немаме никакви индиции дека би имало потреба на ограничување од аспект на волумен како што направија некои земји од ЕУ. Не само што тоа не го правиме туку голем дел од граѓаните од нашите соседи доаѓаат кај нас и ги полнат резервоарите со гориво. Зголемена е потрошувачката. Ако во првиот месец беше 10 проценти сега веќе е 15 проценти, рече Мицкоски и додаде дека сега за сега нема потреба од вовдување на некои од препораките за штедење по примерот на ЕУ бидејќи има доволно количини на горива.

Од понеделник, како што рече, се очекува бензините да бидат со цена од 1,32 до 1,37 евра, а нафтата да биде меѓу 1,5 и 1,53 евра за литар. Во продуктоводот Солун-Скопје, како што кажа, има нафтени деривати за 60-тина дена плус за 62 дена во стоковите резерви.

-Во моментов не гледам опасност од количините што е прв приоритет. Втор приоритет е да ги одржиме цената и стабилноста на цената за да не ни се случи како во 2022 година да имаме двоцифрена инфлација. До сега рубусниот пристап дава резултати, а за потоа ќе видиме како ќе се развива кризата. Анализираме се и врз основа на тоа ќе ги носиме натамошните одлуки, нагласи Мицкоски.вј/

Фото: Влада

GJITHASHTU MUND TË Pëlqejë

QËNDRONI TË LIDHUR