Министерството за финансии, со поддршка од Светската банка, инвестира во енергетска ефикасност и модерно осветление во општините
- Министерството за финансии (МФ) со поддршка на Светската банка реализира три потпроекти за улично осветление во Пробиштип, Ранковце и Лозово, со вкупна инвестиција од 41.396.788 денари за замена со нови, енергетски ефикасни ЛЕД-светилки, информираат од МФ.
Скопје, 25 февруари 2026 (МИА) - Министерството за финансии (МФ) со поддршка на Светската банка реализира три потпроекти за улично осветление во Пробиштип, Ранковце и Лозово, со вкупна инвестиција од 41.396.788 денари за замена со нови, енергетски ефикасни ЛЕД-светилки, информираат од МФ.
Со тоа, како што велат, продолжуваат да ја унапредуваат енергетската ефикасност во општините реализирајќи значајни инвестиции во модерни и штедливи системи за јавно осветление со поддршка од Светската банка и воедно успешно ја продолжуваат реализацијата на проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, кој се спроведува со финансиска поддршка од Меѓународна банка за обнова и развој - Светска банка.

- Проектот за енергетска ефиканост во јавниот сектор, кој се имплементира преку проектната единица при Министерството за финансии, претставува значаен чекор во насока на модернизација на јавната инфраструктура и унапредување на одржливото управување со енергијата во земјата. Во рамките на компонентата „Инвестиции во општините“ како дел од овој проект, со вкупна вредност од 8,2 милиони евра, се обезбедува финансиска поддршка за реализација на проекти за реконструкција на јавни објекти со мерки за енергетска ефикасност, како и за модернизација на јавното осветление во надлежност на општините - велат од Министерството.
Во овој циклус, додаваат, успешно се реализирани три потпроекти за улично осветление во Пробиштип, Ранковце и Лозово, со вкупна инвестиција од 41.396.788 денари за замена со нови, енергетски ефикасни ЛЕД-светилки.
- Во општина Пробиштип беше реализирана целосна замена на постојното улично осветление со нови ЛЕД-светилки, со што се опфатија централното градско подрачје и 29 населени места. За реализација на проектот во оваа општина инвестирани се 23.032.497 денари и со него се овозможува значително подобрување на квалитетот на осветлението. Во општина Ранковце беа поставени современи, штедливи ЛЕД-светилки во населените места Ранковце, Псача, Петралица, Опила, Љубинци и Гиновци. Со инвестиција од 9.392.799 денари овој проект придонесе за зголемена енергетска ефикасност и повисоко ниво на безбедност и квалитет на живот за локалното население во Ранковце. Во општина Лозово преку овој проект реализирана е инвестиција од 8.971.492 денари и беа поставени нови енергетски ефикасни ЛЕД-светилки во осум населени места, со што се заокружи процесот на модернизација на уличното осветление во општината и се создадоа услови за значителни заштеди на електрична енергија - прецизираат од Министерството.

Нагласуваат дека реализацијата на овие проекти претставува конкретен придонес кон модернизирање на енергетската инфраструктура на локално ниво, исполнување на законските обврски што произлегуваат од современата енергетска рамка и јакнење на одржливиот развој.
- Преку модернизацијата на уличното осветление се постигнуваат значајни заштеди на електрична енергија, се намалуваат трошоците на општините и се обезбедува поквалитетна и побезбедна јавна услуга за граѓаните - порачуваат од Министерството за финансии и нагласуваат дека остануваат посветени на обезбедување стабилна финансиска поддршка и партнерства, кои, како што велат, носат долгорочни придобивки за заедницата поттикнувајќи енергетска ефикасност, фискална одговорност и одржлив економски развој.вј/са/
Фото: Министерство за финансии