• e enjte, 09 prill 2026

Иран постепено одобрува премин низ Ормуската Теснина за пловила на одредени држави

Иран постепено одобрува премин низ Ормуската Теснина за пловила на одредени држави

Техеран, 8 април 2026 (МИА) - Низ Ормуската Теснина досега денеска поминаа десет брода, од кои четири се ирански, покажуваат податоците на француската компанија за следење на поморскиот сообраќај „АКСС-марин“ (AXSMarine).

Од компанијата наведуваат дека не се очекува сообраќајот денеска ниту приближно да се нормализира бидејќи сите пловила мора да добијат одобрение од Иран, а бродската индустрија и понатаму е крајно претпазлива.

Во вообичаени услови низ Теснината дневно во двата правци минуваа меѓу 50 и 100 брода. Поради конфликтот, во последните две недели таа бројка падна на само два до седум брода дневно, и тоа откако Иран одобри премин за пловила под знамиња на одредени држави.

Од „АКСС-марин“ ја појаснуваат хронологијата на давањето дозволи наведувајќи дека Иран првично објави дека транзитот ќе биде дозволен само за бродови во сопственост на пет држави - Кина, Русија, Индија, Ирак и Пакистан.

По дипломатските разговори, преминот беше овозможен и за малезиски и за тајландски пловила, а на 2 април, по дополнителните преговори, Техеран соопшти дека ќе дозволи премин и за бродовите и под филипинско знаме. ссм/ми/

фото: архива

QËNDRONI TË LIDHUR