Оружен инцидент во близина на централниот затвор во Конакри
- Во близина на централниот затвор во Конакри се слушаат истрели, пристапот кон казнено поправната установа е затворен, а распоредени се голем број припадници на гвинејските безбедносни сили. Властите на Гвинеја не соопштија детали за вооружениот инцидент
Конакри, 10 февруари 2026 (МИА) – Во близина на централниот затвор во Конакри се слушаат истрели, пристапот кон казнено поправната установа е затворен, а распоредени се голем број припадници на гвинејските безбедносни сили. Властите на Гвинеја не соопштија детали за вооружениот инцидент.
Гвинеја од 2021 година е под власт на генералот Мамади Думбуја, кој по државниот удар, во декември беше избран за шеф на државата на избори на кои немаше вистински противник.
Централниот затвор се наоѓа на полуостров, каде се сместени претседателството, владината зградата генералниот штаб на вооружените сили и други институции.
Во ноември 2023 година, тешко вооружени мажи успеаја да го ослободат од централниот затвор поранешниот гвинејски диктатор Муса Дадис Камара. Во операцијата загинаа неколку лица. Неговото ослободување се случи додека поранешниот диктатор и тројца членови на неговиот режим чекаа пресуда за нивната улога во масакрот од 2009 година, извршен за време на владеењето на Камара.
Камара потоа беше заробен и осуден во јули 2024 година на 20 години затвор за злосторства против човештвото. На крајот беше помилуван од здравствени причини од страна на претседателот Думбуја во март 2025 година.
За време на претседателствувањето на Думбуја, неколку политички партии беа распуштени, а протестите се забранети од 2022 година. Многу опозициски лидери беа уапсени или принудени на егзил, а зголемен и бројот на киднапирани лица. ми/рп/
фото: МИА архива