Советот на Општина Делчево за прв пат ќе одржи отворена седница за прашања од граѓани
- Граѓаните ќе можат директно да поставуваат прашања до локалните функционери
Делчево, 18 февруари 2026 (МИА) - Шестата седница на Советот на Општина Делчево ќе биде посветена исклучиво на прашања и предлози од советниците и граѓаните до актуелните локални функционери. Седницата е закажана за 27 февруари, а единствената точка на дневниот ред се однесува на поставување прашања и изнесување предлози до сите советници вклучително и претседателот на Советот на Општина Делчево и Градоначалникот на Општина Делчево.
Прашања ќе можат да бидат поставени до сите директори на локални институции, комуналното претпријатие, Детската градинка, градската библиотека како и Територијалната противпожарна единица. На седницата, граѓаните ќе имаат можност директно да поставуваат прашања и да даваат предлози до сите наведени претставници.
-Со воведување на овој нов стандард во работата на Советот, ја потврдуваме нашата улога како тело што работи во интерес на граѓаните и ја негува практиката на отворено и одговорно управување. Отворената седница е силна порака дека општината е достапна и подготвена да ги слушне граѓаните и да ги вклучи во процесот на одлучување. Прашањата и предлозите можат да се достават преку Социјалните мрежи на претседателот на Советот и на Општина Делчево, Е-маил: info@delcevo.gov.mk СМС или повик на телефонскиот број: 070 983 538, истакна претседателот на Советот, Николчо Стојменовски.
Градоначалникот Иван Гоцевски ја поздрави иницијативата и нагласи дека овие седници го потврдуваат заложбата на Општина Делчево за транспарентност и отчетност, со активно учество на граѓаните во донесувањето локални одлуки.
-Отворените седници на Советот се одлична алатка за подобра комуникација со граѓаните. Одговорната локална власт мора да го слуша гласот на граѓаните. Оваа форма на работа значи дека функционерите директно одговараат пред јавноста за својата работа, одлуките и трошењето на јавните средства, а граѓаните добиваат простор да ги изнесат своите проблеми, предлози и идеи, истакна Гоцевски.
Отворените седници ќе продолжат и во наредниот период како дел од стратегијата за транспарентна и одговорна локална самоуправа. вс/
Фото: МИА