Градоначалникот на општина Гостивар Ваљбон Лимани на Економскиот форум во Тирана: Коридорот 8 носи нов економски импулс за Гостивар
- Гостиварскиот градоначалник се осврна на позитивното влијание врз Гостивар, нагласувајќи дека подобрата инфраструктурна поврзаност директно ќе придонесе за локалниот економски раст и нови деловни можности.
Гостивар, 18 февруари 2026 (МИА) – Ваљбон Лимани, градоначалникот на општина Гостивар како панелист, денеска во Тирана зборуваше на Економскиот форум на тема „Стратешка поврзаност и регионален економски раст; Економскиот потенцијал на Коридорот VIII“. Во излагањето, Лимани ги акцентираше придобивките што регионот ќе ги има од целосното воспоставување на Коридорот 8. Гостиварскиот градоначалник се осврна на позитивното влијание врз Гостивар, нагласувајќи дека подобрата инфраструктурна поврзаност директно ќе придонесе за локалниот економски раст и нови деловни можности.
- Овој проект, кој е од стратешко значење за целиот Балкан, има за цел да ја олесни трговијата, да го подобри транспортот и значајно да ја поттикне економската активност во сите инволвирани земји, напиша Лимани на својот фејсбук-профил.
Според него Коридорот 8 останува еден од најважните столбови за идниот просперитет на регионот.
На форумот во Тирана, учесниците ги разгледуваат можностите за развој кои произлегуваат од овој меѓународен инфраструктурен проект што ги поврзува Јадранското и Црното Море.
Економскиот форум го организира Министерството за Европа и дијаспора на Република Албанија кој треба да послужи како платформа за дискусија за регионалната соработка и стратешката поврзаност како врвни приоритети за Балканот.згм/са/
Фото: ФБ