Започна обновата на соборниот храм „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Пехчево
- Црковната заедница започна со внатрешни активности за обновување на храмот, со благослов на Митрополитот Струмички г. Наум и Викарниот Епископ Стобиски г. Јаков
Пехчево, 18 февруари 2026 (МИА) - Во Пехчево започна изведбата на внатрешни работни активности во Соборниот храм „Св. Апостоли Петар и Павле“. Проектот се реализира со архијерејскиот благослов на надлежниот митрополит струмички г. Наум и викарниот епископ стобиски г. Јаков.
-Овој значаен зафат претставува плод на долгогодишна молитвена желба на нашата црковна заедница и е насочен кон унапредување на благолепието на Домот Божји. Проектот опфаќа целосна замена на постојната столарија во храмот, како и глетување на преостанатите ѕидни површини и нивна подготовка за фрескоживопис, на површина од околу 1.000 квадратни метри, истакнуваат од црковното свештенство.
Со овие активности како што додадоа се овозможува не само обновување на храмот туку и зачувување на неговото културно и духовно значење за сегашните и идните генерации.
Црковното свештенство потенцира дека реализацијата на овој проект изискува значителни материјални и финансиски средства, но секоја помош и поддршка на верниците и сите граѓани кои го почитуваат и го ценат благолепието на светите храмови, го приближува завршувањето на ова свето богоугодно дело.
Со започнувањето на работите во храмот, Пехчево добива можност за значајно унапредување на духовниот и културниот живот на заедницата, а од црквата изразија благодарност до сите кои учествуваат во овој проект. вс/вг/
Фото: МИА