• Wednesday, 17 July 2024

Свечља: Затворените бензински на косовскиот север се филијали на „Газпром“, за кого нема место во Косово

Свечља: Затворените бензински на косовскиот север се филијали на „Газпром“, за кого нема место во Косово

Приштина, 16 јули 2024 (МИА) – Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, по денешното затворање на три бензински пумпи на северот на земјата, населен со срспско мнозинство, изјави дека затворените пумпи на компанијата „Нис Петрол“ се филијали на рускиот „Газпром“, за кого порача дека нема место во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Свечља на својата Фејсбук страница напиша дека „злоупотребувачите ќе се соочат со законот“ и додаде дека „криминалот на северот на земјата е длабок, организиран и непречен сите овие години“.

- За разлика од горкото искуство од повеќе од две децении, ние докажавме дека владеењето на правото и редот е можно насекаде во нашата Република, напиша првиот косовски полицаец.

Тој рече дека полицијата и помогнала на Агенцијата за приватизација на Косово (АКП) да ги ослободи нејзините простории во Северна Митровица и Зубин Поток, по информациите дека тие биле злоупотребувани од бензински пумпи кои ги избегнувале нивните обврски кон институциите на Косово.

- Косовската полиција денеска ѝ помогна на АКП да ги ослободи просториите во Северна Митровица и Зубин Поток, откако потврди дека тие биле злоупотребени од бензинските пумпи избегнувајќи ги нивните обврски кон институциите на Република Косово, напиша Свечља.

Според него, „згаснува ерата на придобивки и богатење на сметка на државата и граѓаните“.

- Ќе направиме се за државата и граѓаните без разлика, за злоупотребувачите да се соочат со законот. За прекршителите на нашите закони и правила, каков што е „Нис Петрол“, филијала на руски „Газпром“, нема место во Република Косово, порача Свечља. иа/ссм/