• Friday, 10 January 2025
МИА Флеш

9 јануари 2025 

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека го прочитал извештајот во врска со седуммесечното бебе кое почина на Детската клиника во Скопје, и во него е констатирано дека нема лекарска грешка.

-Извештајот пристигна, јас го прочитав уште во понеделник. За среќа, професионалците констатираа дека докторите немаат никаква грешка, рече Таравари на денешната прес-конференција, одговорајќи на новинарско прашање. Прашан каде бил проблемот за смртта на седуммесечното бебе, Таравари одговори дека најверојатно бебето е донесено подоцна на Клиниката.

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска информираше дека преку „Мој термин“ наскоро ќе се овозможи специјализантите кои специјализираат на нашите универзитети, да имаат пристап да можат да подготват извештај со свое име и презиме.

-Наскоро преку „Мој термин“ ќе овозможиме специјализантите кои што специјализираат во сите наши универзитети на медицинските факултети, да имаат пристап и тие да можат да пдоготват извештај со нивно име и презиме. Очекуваме тоа наскоро да го направиме заедно со Лекарската комора, рече Таравари на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање.

Скопје - Претседателот на СДСМ Венко Филипче ја отфрли можноста за поврзување со ДУИ и ја нагласи потребата од политики кои обединуваат, а не, како што вели, кои делат.

- СДСМ никогаш повеќе нема да дозволи да биде ставен во истата рамка или да биде подреден на било која партија, особено не на ДУИ. Коруптивната стигма која со години ја носи оваа партија е нешто од што јасно и недвосмислено се дистанцираме. Нивната реторика и постојаното подигање на етнички тензии како алатка за политичко делување е неприфатлива и опасна. Таквите политики немаат место во нашето мултиетничко општество, изјави Филипче во интервју за „Независен“.

Скопје - Министерството за внатрешни работи сооппшти дека Секторот за компјутерски криминал активно презема мерки за истрага и справување со телефонските измами кои се вршат преку техники на пренасочување на телефонски броеви и лажирање на Caller ID.

Овие измами, кои во последно време се сѐ почести, имаат за цел манипулирање на граѓаните и стекнување на доверливи податоци или финансиски средства. Измамниците најчесто се претставуваат како претставници на банки, јавни институции или компании со цел да ги измамат жртвите.

Скопје - Студен бран со дожд и снег, најавува УХМР за наредните денови. Утре кон крајот на денот во западните и северните делови ќе има повремен локален дожд. Во сабота ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег. Во недела времето ќе биде облачно и студено со врнежи кои поради спуштање на постудена воздушна маса со засилен северен ветер во поголем дел од земјава ќе бидат од снег и наместа ќе бидат пообилни.

На повеќе места се очекува да се формира снежна покривка, а на планините позначително да се зголеми. Поради ниските температури ќе има појава на голомразица.

Тирана -  Американскиот заменик државен секретар за управување и ресурси Ричард Верма по средбата со албанскиот премиер Еди Рама оцени дека силното американско партнерство обезбедува напредок на Албанија кон Европската унија (ЕУ).

-Задоволен сум што се сретнав со премиерот Еди Рама во Тирана за да му се заблагодарам за неговото гостопримство кон Авганистанците и неговата поддршка за Украина. Се согласивме дека интеграцијата во ЕУ е клучна за иднината на Албанија. Нашето силно партнерство обезбедува напредок на Албанија кон полноправно членство во ЕУ, објави Верма на мрежата „Х“.

Брисел - Европратеници од редовите на социјалдемократите и либералите побараа на дневниот ред на заседанието Европскиот парламент, предвидено за од 20 до 23 јануари, да се стави и точка за лажните вести и говорот на омраза на социјалните мрежи. 

Либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ) соопшти дека ќе побара „итна парламентарна дебата за неодамнешните објави“ на сопствениот на Икс, Илон Маск на оваа социјална мрежа и дали со нив се прекршуваат одредбите за умереност на содржините од Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА). 

Брисел - Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска изјави дека се обидува да го убеди повторно избраниот претседател на САД, Доналд Трамп, да го олесни пристапот на европските партнери до американски воени системи, пренесува ДПА.

Руте истакна дека европските сојузници веќе вложуваат стотици милијарди долари во американската одбранбена индустрија.

Лондон  - Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами денеска изјави дека е уверен дека повторно избраниот претседател на САД, Доналд Трамп, го признава Гренланд како дел од Кралството Данска, но нагласи дека неговата реторика може да биде дестабилизирачка.

- Знаеме од првиот мандат на Доналд Трамп дека длабочината на неговата реторика и понекогаш непредвидливоста на тоа што го изјавува можат да бидат дестабилизирачки, рече Лами во интервју за Би-Би-Си радио, одговарајќи на прашањето за намерите на Трамп да го направи Гренланд дел од САД.

Киев - Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров воспоставил соработка во клучните области со неговиот американски колега Лојд Остин за време на состанокот на Контакт групата за одбранбени прашања на Украина (т.н. група „Рамштајн“), објавија украинските медиуми.

-Одржав важен состанок со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, на кој разговаравме за подготовките за средбата и соработката во клучните области, напиша тој.

Сеул - Поранешниот јужнокорејски претседател Јун Сук-јеол ќе ја прифатиевентуалната одлука на Уставниот суд за импичмент, дури и ако тоа значи негово отстранување од функцијата.

- Доколку решението биде за отстранување, тоа нема како да не се прифати, изјави на прес-конференција адвокатот на Јун, Јун Каб-кјун.

Квета - Десетици вооружени сепаратисти ја зазедоа владината канцеларија и запалија дел од полициска станица во југозападен Пакистан, соопшти денеска локалната полиција.

Забранетата сепаратистичка група наречена Ослободителната војска на Балуџистан ја презеде одговорноста за нападот што се случи вчера во градот Куздар во Балуџистан, голема провинција на југозападот на земјата.

Вашингтон - Претседателот на САД Џо Бајден ја откажа планираната посета на Италија поради пожарите што беснеат во Лос Анџелес, соопшти Белата куќа.

- По враќањето од Лос Анџелес, каде што се сретна со полицијата, пожарникарите и тимовите за итни случаи кои се борат со историските пожари во тој регион, претседателот Бајден одлучи да ја откаже својата претстојна посета на Италија, изјави портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.

Брисел - Целта на денешниот состанок е да потврдиме дека сите земји што учествуваат на него се единствени во воената поддршка на Украина, порача генералниот секретар на НАТО, Марк Руте при пристигнувањето на средбата на Контакт групата за одбрана на Украина на министерско ниво, што денеска се одржува во американската воздухопловна база „Рамштајн“ во Германија. 

- Мораме да се увериме дека Украина го има се она што е потребно, во смисла на обука, во смисла на опрема, за да ја продолжи борбата и за да надвладее во оваа борба што започна на 22 февруари (2023 година) со неиспровоцираниот масовен напад на Русија врз Украина, рече Руте.