• Friday, 10 January 2025
МИА Радио флеш

9 јануари 2025

Софија - Агенцијата за патна инфраструктура на Бугарија (АПИ) има делумна вина за трагичната несреќа на автобусот на „Беса транс“ на автопатот Струма во 2021 година, во која загинаа 45 македонски државјани, пресуди Окружниот суд во Перник.

Според судот, АПИ е одговорна за 10% од настанатата штета и треба да и се наложи на секој од тужителите да им плати по 20.000 лева како надомест за нематеријална штета. Исто така, се признаваат околностите дека за предметната делница не е донесен акт 16 за автопат и затоа има статус на експресен пат, бидејќи делницата беше пуштена за сообраќај во 2007 година во фаза на акт 15, се вели во судската одлука.

Се наведува и дека возачот го возел автобусот со 106 километри на час, што е максималната брзина на делницата од 120 километри.

- При проектирањето на експресниот пат не биле испочитувани геометриските карактеристики. Проектираниот попречен наклон на кривината одговара на брзина од 90 километри на час, но нема поставено патна ознака Б26/90 километри на потребните места за ограничување на брзината, додаваат од судот.

Скопје – Новиот Деловник за работата на Собранието се покажа како добар во делот на надминување на неоснованите блокади кои се случуваа во минатиот состав со поднесување на илјадници амандмани. Пратениците кои ги контактираше МИА велат дека новиот Деловник го прави Собранието поефикасно без притоа политиката да доминира во него, туку мерит системот на носење на актите.

Новина во новиот Деловник е и одржувањето на седници за поставување пратенички прашања на кои прашањата ги поставува само опозицијата во времетраење од два часа.

- Согласно Член 42 - (1) Пратенички прашања од пратениците од пратеничките групи во опозиција и од пратениците во опозиција кои не се организирани во пратеничка група се поставуваат еднаш месечно, во денот кога се одржува седница на Собранието. Доколку во текот на месецот не се свикани седници, претседателот на Собранието задолжително свикува една седница заради поставување на пратенички прашања. (2) Пратеничките прашања од ставот (1) на овој член се поставуваат по утврдувањето на дневниот ред на седницата во траење од два часа, се посочува во објаснувањето од собраниската прес-служба.

Скопје – Новиот Кривичен законик е завршен и чека мислење од Европската комисија по што ќе биде доставен во владина и собраниска процедура, а новиот закон за Судски совет треба да биде донесен до јуни годинава. Работна група работи и на измени и дополнувања на Законот за јавно обвинителство, а пристапено е и кон изработка на нов Закон за судска служба, Закон за кривична постапка и кон завршување на деценискиот процес за кодификацијата на граѓанското законодавство. Сите овие закони, се дел од вториот столб - фронт против корупцијата на Програмата за работа на Владата 2024-2028, кој предвидува реформа на правосудниот систем и системска борба против корупцијата. 

Од Министерство за правда за МИА велат дека новиот Кривичен законик е преведен на англиски јазик, а подготвени се и коресподентните табели, како обврска од Билатералниот скрининг за Поглавје 23.

По добивањето на мислење од Европската комисија, работната група во рамки на Министерството за правда ќе одржи средби за вградување на добиените мислења, по што ќе се одржат јавни расправи и текстот на Законикот ќе биде доставен во владина и собраниска постапка, велат од МП.

Скопје  - Спојување на културата со туризмот и мапирање на креативните индустрии, ја одбележаа изминатата година во полето на културата. Фокусот беше ставен и на донесување на измените на Законот за култура, којшто се однесува на изградбата на Универзалната сала и со кој се решава работниот статус на вработените. 

Министерството за култура за првпат го презеде секторот туризам од Министерството за економија, а програмските активности во овој дел треба да почнат од годинава. Целта е да се развиваат програми што ќе придонесат за подобрување и презентација на културното наследство, екологијата, но и за зголемување на туристичките капацитети.

Според министерот за култура и туризам Зоран Љутков, културниот туризам може да биде еден од најплодните и најинтересните средства со кои би се изразил дијалогот меѓу културите и цивилизациите.

Белград -   Во Србија денеска попладне почнуваат преговорите меѓу просветните работници и владата и доколку не се исполнат барањата, вработените во образованието најавуваат целосен прекин на работата

Српскиот премиер Милош Вучевиќ ќе се сретне со претставници на синдикатот денеска, а средбата, како што е најавено, ќе започне во 13 часот во зградата на Владата на Србија, јавија српските медиуми.

Главното барање на просветните работници, за кое се дебатира, е Владата да ја исполни обврската од протоколот што го потпиша со синдикатите во 2023 година - почетната плата на наставниците со седми степен на стручно образование да биде еднаква на просечната национална плата.

Во владиниот тим за разговори со вработените во образованието се министерот за финансии Синиша Мали и министерката за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ.

Атина – Регионалната стабилност и безбедност, регионалните случувања, економската и културната соработка, енергетиката и миграцијата беа во фокусот на вчерашната средба меѓу египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси, кипарскиот претседател Никос Христодулидис и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, за време на десетиот трилатерален Самит Грција-Египет-Кипар што се одржа во Каиро, јави дописничката на МИА од Атина.

Во заедничката декларација, тројцата лидери ја потврдуваат нивната „силна посветеност на мирот, стабилноста и соработката“ кои, како што велат, го дефинираат нивното „трилатерално партнерство“.

-Препознавајќи ги предизвиците и можностите што се развиваат во нашиот регион, ние се стремиме да ги надградиме нашите заеднички интереси и да продолжиме да работиме заедно за промовирање на безбедноста, економскиот просперитет и одржливиот развој за нашите народи и за пошироките региони на Медитеранот и Блискиот Исток, пишува во заедничката изјава.

Анкара - Турските вооружени сили се ставени во состојба на готовност поради можна воена операција во Сирија против милитантите на Курдистанската работничка партија (ПКК), објави турскиот весник „Туркије“, повикувајќи се на воени извори.

Според турските медиуми, турските вооружени сили заедно со сириската армија планираат „голема“ воена операција против милитантите на ПКК, доколку Западот постави „нови барања“.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан завчера рече дека Анкара им поставила „ултиматум“ на милитантите на ПКК во Сирија и предупреди дека ако повиците за преговори се игнорираат, воената акција би можела „да стане итна“.

Анкара - Американскиот заменик-државен секретар Џон Бас денеска пристигнува во дводневна посета на Анкара, објавија турските медиуми.

За време на посетата на Бас на Турција се очекува да се разговара за најновите случувања во Сирија и операциите против ДАЕШ („Исламска држава“) и ПКК/СЗН (Работничка партија на Курдистан/Сили за народна заштита).

Џон Бас беше амбасадор на САД во Турција од 2014 до 2017 година.

Стејт департментот објави и дека Бас се очекува да разговара за ситуацијата во Сирија на средби со високи турски претставници, јавуваат турските медиуми.

Берлин - Сојузниците на Украина и претседателот Володимир Зеленски ќе имаат денеска средба во американската воена воздухопловна база Рамштајн во Германија за да разговараат за континуираната поддршка за Киев во   војната со Русија.

Рамштајн е најголемата воздухопловна база надвор од СAД и беше домаќин на слични состаноци откако Русија ја нападна Украина пред речиси три години.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ги покани на конференцијата министрите за одбрана и високите воени лидери од земјите-членки на Контакт групата Украина.

Како и на претходните состаноци во Рамштајн, се очекуваат и претставници од земји што не се членки на НАТО.

Берлин – Германската влада денеска усвои реформа на процедурата за враќање на уметничките дела украдени од нацистите, проект критикуван од адвокатите и потомците на жртвите, но одобрен од Централниот совет на Евреите.

- Германија подобро ќе ја преземе својата историска одговорност благодарение на оваа реформа, рече министерката за култура Клаудија Рот.

Од доаѓањето на Адолф Хитлер на власт на 30 јануари 1933 година и капитулацијата на Германија на 8 мај 1945 година, стотици илјади уметнички дела биле украдени од нивните сопственици, од кои повеќето биле Евреи.

Во декември 1998 година, по децении инерција, Германија и 43 други земји ветија дека ќе ги најдат и, ако е можно, ќе ги вратат делата украдени од нацистите.

Речиси 80 години по падот на Третиот Рајх, целиот ограбен имот не им е вратен на потомците на жртвите.

Стокхолм - Шведската армија ќе купи тенкови од германскиот производител на оружје „KNDS“ за 22 милијарди шведски круни (1,97 милијарди долари), изјави денеска министерот за одбрана Пал Јонсон за шведската јавна телевизија SVT.

Договорот, потпишан кон крајот на декември, предвидува купување на 44 нови тенкови „Леопард“ 2 А8 и модернизација на 66 постоечки тенкови.

„Ова е апсолутно неопходна инвестиција“, рече Џонсон, додавајќи дека тенковите ќе и помогнат на Шведска да ја исполни својата цел за удвојување на капацитетот на својата војска.

Лос Анџелес  - Бројни познати личности се огласија за пожарите што зафатија делови од Лос Анџелес и ги погодиле нивните домови.

Повеќе од 130.000 луѓе беа принудени да се евакуираат поради пожарот, додека ветровите дополнително придонесуваат за ширење на пожарот. Најтешка е ситуацијатао во една од најбогатите населби во САД, Пацифик Палисадес.

Актерот Били Кристал и неговата сопруга Џенис за Еј-Би-Си Њуз изјавиле дека ја изгубиле куќата во таа населба.

-Зборовите не можат да го опишат обемот на уништувањето. Чувствуваме тага за нашите пријатели и соседи кои исто така ги загубија своите домови и бизниси во оваа трагедија. Џенис и јас живееме во таа куќа од 1979 година. Ги одгледавме нашите деца и внуци таму. Секој дел на нашата куќа беше исполнета со љубов, рече тој.

Лос Анџелес -  Најмалку пет лица загинаа во пожарите што беснеат околу Лос Анџелес, соопштија властите откако во областа се регистрирани веќе шест пожари од вторникот досега. Најмалку 1.500 објекти се опустошени во вториот по големина град во САД, принудувајќи над 100.000 луѓе да ги напуштат своите домови.

Ураганските ветрови дополнително ја усложнија ситуацијата особено во луксузната област Пацифик Палисадес - најпосакуваниот недвижен имот во Калифорнија што го фаворизираат холивудските познати личности.

Нов пожар избувна синоќа во Холивуд Хилс, на само неколку стотини метри од познатиот булевар Холивуд, што предизвика наредба за евакуација на главниот град на светската забава.

Вашингтон - Американскиот претседател Џозеф Бајден ги прошири санкциите насочени кон категории на поединци кои подлежат на американски санкции поради оспорување на суверенитетот и територијалниот интегритет на држави од Западен Балкан, поткопување на повоените договори и институции и ангажирање во значителна корупција што го поткопува владеењето на правото и довербата во демократските институциите и избегнувањето на санкциите на американската влада.

Со таа извршна наредба, Бајден презеде дополнителни чекори, изменувајќи и дополнувајќи три наредби поврзани со Западен Балкан од 2021 година, кои се однесуваат на блокирање на имотот и суспендирање на влезот во САД на лица кои придонесуваат за дестабилизација на Западен Балкан.

Регулативата од 2021 година предвидува дека санкциите - блокирање на имотот и суспензија на влез во САД - се применуваат на лица кои се директно или индиректно одговорни за дејствија и политики кои го загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на регион или држава на Западниот балкан, ги поткопува демократските процеси или институциите, кршењето на човековите права или корупцијата.

Вашингтон - Илон Маск одржал приватни разговори со своите сојузници за можноста за смена на британскиот премиер Кир Стармер пред следните избори, објави Фајненшл тајмс.

Маск, најбогатиот човек на светот и близок соработник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, минатиот месец ја поддржа германската антиимигрантска партија пред изборите закажани за февруари и постојано ја коментираше британската политика, барајќи од Стармер да поднесе оставка.

Маск, наводно, размислува за начините на кои тој и неговите сојузници можат да ја дестабилизираат владата на Лабуристичката партија, барајќи информации за тоа како да изгради поддршка за алтернативни политички движења во Велика Британија со цел да се дојде до промена на власта, пишува весникот, повикувајќи се на извори.

Њујорк -  Извештаите дека случаите на вирус сличен на грип наречен HMPV се зголемуваат во Кина, предизвикаа загриженост, но експертите ги отфрлија стравувањата дека ситуацијата е споредлива со почетоците на Ковид-19 пред пет години.
Факти за HMPV:

HMPV е кратенка за „човечки метапневмовирус“ и генерално предизвикува блага инфекција на горниот респираторен тракт. Се шири преку контакт од човек на човек или кога некој ќе допре контаминирана површина. Вообичаени симптоми вклучуваат кашлање, треска и затнат нос - многу слични на многу видови настинка и грип.

Ранливите групи како што се малите деца, постарите лица и луѓето со компромитиран имунолошки систем може да имаат потешки симптоми.
„Советите за  лекување ХМПВ се слични на оние за грип“, вели Џон Трегонинг, професор по имунологија за вакцини на Империал колеџ во Лондон.

Њујорк - Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина Мирослав Лајчак денеска соопшти дека разговарал со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш за Западен Балкан и проширувањето на ЕУ.

„За мене е голема чест да се сретнам со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Уживав во нашиот разговор за Западен Балкан и проширувањето на ЕУ и ги ценам неговите согледувања и проценки“, напиша Лајчак на социјалната мрежа Икс.

Тој претходно во Њујорк разговараше со заменик-генералниот секретар на ОН за политички и мировни прашања Розмари Ди Карло за Западен Балкан, регионалните случувања и дијалогот Белград-Приштина. 

Њу Делхи – Најмалку шест лица загинаа, а десетици се повредени денеска во јужна Индија откако се создаде метеж на стотици верници на влез во храм, јавија индиските медиуми.

Управникот на храмот Наиду Наиду рекол дека метежот настанал кога полицијата ги отворила портите на храмот за верниците кои дошле по повод десетдневен фестивал.

Смртоносни метежи се релативно чести на верските фестивали во Индија, каде што голем број луѓе се собираат во мали области со лоша инфраструктура и несоодветни безбедносни мерки.

Во јули 2024 година, најмалку 116 луѓе, главно жени и деца, загинаа кога илјадници луѓе на верски собир во северна Индија се стрчаа во шатор.

Лос Анџелес - Организаторите на „Мис Универзум“ решија на претставничката од Аргентина - Магали Бенехам да ѝ ја одземат титулата „Мис Универзум од Аргентина“. Скоро два месеца по настанот, нејзе ѝ беше поништена националната титула, откако даде остри коментари за нејзините колешки - Данката Викторија Ќаер, која победи на натпреварот во 2024 година и претставничката на Порторико, Џенифер Колон.

„По подробна анализа на јавните коментари на Магали Бенехам, и врз основа на нашите принципи, донесовме одлука веднаш да ѝ ја одземеме титулата“, изјавија тие.