МИА Флеш
- 8 јануари 2025
8 јануари 2025
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски очекува на 14-ти јануари да биде пуштена првата делница од Градско до Фариш од експресниот пат Градско-Дреново во должина од 25 километри, со што, како што посочи, ќе се намали времетраењето на патување до Прилеп и Битола и тој дел на државата. На 17-ти месецов се очекува да биде пуштена и првата делница од пругата кон Бугарија.
- По тој експресен пат ќе се движат возилата со брзина од 130 километри на час. Има мало слечиште кое очекувам да биде санирано и пуштањето да биде на 14-ти овој месец, поточно, за шест дена од денес со што драматично ќе се намали времетраењето на патување до Прилеп и Битола и тој дел на Македонија, изјави Мицкоски, одговорајќи на новинарско прашање, за време на неговата посета на општина Штип.
Скопје - Трошоците на животот во 2024 година, во однос на 2023 година, бележат пораст од 3.5 %, а цените на мало од 3.8 %, соопшти Државниот завод за статистика.
Во декември 2024, пак, во споредба со истиот месец од 2023 година, трошоците на живот се зголемени за 4.4 %, а цените на мало за 4.3 %.
Штип - За земјоделците годинава од централниот буџет ќе бидат обезбедени над 7,2 милијарда денари или преку 120 милиони евра диркенти плаќања, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Како што истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Штип, до крајот на 2024-та се подмирени сите заостанати долгови во однос на субвенциите, а сега се реализираат тековните исплати. - Апсолутно ќе има пари за директни исплаќања на земјоделците во новиот буџет. Откако сме Влада, само лани, од 24 јуни до крајот на 2024 година се префрлени над 70 милиони евра за земјоделците со што се вратени долговите и сега има тековни исплати. За 2025 година се предвидени повеќе од 7,2 милијарда денари или над 120 милиони евра директни плаќања за земјоделците од централниот буџет, истакна Мицкоски.
Скопје - Имињата на кандидатите за градоначалници од владејачката Коалиција „Твоја Македонија“ за годинашните локални избори ќе бидат објавени во втората половина од мај, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски во Штип на пуштањето во употреба на детската градинка „Вера Циривири Трена“ и спортската балон сала во рамки на подрачното училиште ОУ„Гоце Делчев".
Конечна одлука за тоа кои ќе бидат имињата на кандидатите за градоначалници, Мицкоски вели сè уште не е донесена, но, како што рече, во тек е внатрепартиска дебата и од страна на општинските комитети веќе се пристигнати предлог-имињата кои треба да се најдат на претстојните анкети и мерења.
Скопје - Очекувам неосновани критики и обид што ќе заврши како неуспешен, изјави премиерот Христијан Мицкоски, прашан од медиумите што очекува од интерпелациите за работата на четворица членови на Владата, кои опозициски пратеници од коалицијата „Европски фронт“ минатиот месец ги поднесоа во Собранието и се на дневен ред на седница закажана за в петок, 10 јануари.
Одговарајќи на новинарски прашања од Штип, претседателот на Владата рече дека на седницата за интерпелација на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени, очекува од опозицијата „напади коишто ќе поларизираат и ќе поттикнат чувства на меѓуетничка нетолеранција“.
Штип - Цените на прехранбените производи се следат и ако е потребно ќе интервенираме со нивно ограничување иако тоа не сакаме да го сториме, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој оцени дека 2024-та ќе ја завршиме со 3,5 отсто инфлација, а годинава, како што напомена, треба да биде добра на економски план.
Одговорајќи на новинарски прашања, Мицкоски, во однос на цените на производите, потсети и дека во земјава не беше поскапена струјата како во некои од државите на еврозоната каде поскапувањето достигна 15 до 20 отсто, што, нагласи, влијае врз цените на крајните производи.
Скопје - Градоначалник, јавен обвинител, судија и поранешен вицепремиер изминатата година се најдоа на „црната листа“ на американскиот Стејт департмент поради „висока корупција“. Минатогодишните именувања на политичари, ако се споредат со претходните имиња кои се најдоа таму не се некое големо изненадување за македонската јавност. Додека именувањето на политичари како поранешниот премиер Никола Груевски, вицепремиерите Кочо Анѓушев и Артан Груби и градоначалниците Рамиз Мерко и Стевчо Јакимовски, јавноста генерално ги доживува како нешто очекувано, најголемо „раздвижување“ и потврда за потребата од ремонт на системот се именувањата на оние кои се на страна на правдата или барем „треба“ да се гледаат како такви – поранешната Специјална јавна обвинителка Катица Јанева и апелацискиот судија Енвер Беџети.
Ако можел Вашингтон да собере докази, тогаш можете и вие, порача американската амбасадорка, нагласувајќи дека тоа се докази кои се широко достапни и оти сега на потег се органите на редот и правосудството во земјава.
Тетово - Деканот на Правниот Факултет при Универзитетот во Тетово, Сафет Емурли за МИА информира дека на Артан Груби, кој е вработен како професор на отсекот по новинарство, му е испратено решение за отказ.
Дел од медиумите информираа дека постапката за отказ била почната поради тоа што не се појавил на работа во текот на декември. Груби бил таму вработен од 2012 година, а поради вршење јавна функција, местото било во мирување се до август 2024 година кога се вратил на работа.
Неготино - Реконструирано фудбалско игралиште во Неготино денеска официјално беше пуштено во употреба. Како што беше истакнато, станува збор за фудбалско игралиште изградено со вештачка трева по ФИФА стандарди и има трибински простор со 100 седишта. Од Министерството за спорт беше кажано дека се работи за еден од проектите за подобрување на спортската инфраструктура.
Министерот за спорт Борко Ристовски рече дека создаваат услови за најмладите, нешто што за нив е многу важно. Тој посочи дека не може да се бараат резултат и зголемување на интересот на децата за фудбал, доколку не им бидат создадени услови за тоа.
Брисел - Словачка бара Украина да го обнови транзитот на руски гас кон запад преку нејзина територија, а од Братислава стигнуваат и најави дека земјата би можела да ја преиспита својата поддршка за членство на Киев во Европската Унија.
Договорот за транзит на руски гас преку гасоводот што минуваат низ украинска територија, склучен меѓу рускиот „Газпром“ и украинскиот „Нафтогаз“ кон крајот на 2019-та, истече на 31 декември 2024 година. Украина одби да го продолжи како одговор на руската инвазија врз земјата и од 1 јануари годинава запре испораката на руски гас кон запад преку украинска територија, од што најмногу се погодени Словачка и Молдавија.
Берлин - Велика Британија и Германија имаат нешто заедничко - и двете се под континуирани напади од Илон Маск, кој ја претвори целата своја платформа на социјалните мрежи во политичка машина за кампања против политиките на нивните влади, нагласува германскиот аналитичар Волфганг Мунхау во напис за Eurointelligence.
Тој додaва дека и Олаф Шолц и Кир Стармер се во дилеми како да се справат со тоа, бидејќи и двајцата мора да соработуваат со Доналд Трамп.
Атина - Кој ќе биде владиниот предлог за нов претседател? Ќе добие актуелната претседателка зелено светло за втор мандат?, се дел од прашањата што во изминатите денови се поставуваат во Грција, со оглед на тоа што се ближи крајот на петгодишниот мандат на актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу, која беше избрана на 22 јануари 2020 година, а положи свечена заклетва на 13 март истата година, јави дописничката на МИА од Атина.
Согласно Уставот, претседателот во Грција го одбира Парламентот по предлог на Владата, најмалку еден месец пред истекот на мандатот на актуелниот претседател, а предвидени се најмногу три гласања, доколку при првото не се постигне потребното двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.
Белград - Првиот вицепремиер и министер за финансии на Србија, Синиша Мали денеска објави дека првите две цели за 2025 година се напредокот на државата во лигата на земји со инвестициски кредитен рејтинг и дека просечната плата во Србија во декември да достигне 1.000 евра.
Мали во објава на Инстаграм истакна дека се дефинирани петте најважни цели за 2025 година, а тоа се - раст од 4,2 отсто, со што БДП за првпат во историја на Србија, завршување на најмалку 150 километри нови автопати и експресни патишта во Србија, како и да има најмалку 100 земји кои ќе го потврдат своето учество на Експо 2027 година.
Брисел - Со почетокот на новата година словенечкиот град Нова Горица и германскиот Кемниц ја презедоа титулата европски престолнини на културата за 2025-та, со што во следните 12 месеци тие ќе бидат домаќини на повеќе културни настани, изложби и перформанси со кои ќе биде истакнато заедничкото богатството на европски култури.
Како што соопшти денеска Европската комисија, дополнителна димензија на овие активности ќе им додаде и фактот што годинава се одбележуваат 40 години од покренувањето на иницијативата за прогласување на европски престолнини на културата.
Берлин - Поддршката на милијардерот Илон Маск за ултрадесничарската Алтернатива за Германија (АфД) има позитивен ефект за партијата пред изборите што се закажани на 23 февруари, покажуваат резултатите од најновата анкета на Институтот „ЈуГов“ (YouGov) изработена за германската новинска агенција ДПА.
Според анкетата, 59 проценти од испитаниците изјавиле дека поддршката од Макс е во корист за АфД, четири отсто навеле дека тоа ќе наштети на партијата, за 24 проценти тоа ќе нема некаков ефект, а 13 отсто изјавиле дека не се сигурни.