• Friday, 10 January 2025

МИА Општински пул

МИА Општински пул

Куманово - Кружен тек ќе се гради на крстосницата меѓу булеварот „Октомвриска револуција“ и улицата „Доне Божинов“, информираа денеска надлежните од секторот за комунални дејности од Општина Куманово. Кружниот тек ќе го растовари сообраќајот на овој дел од Куманово.

- Избран е економски оператор. Очекуваме согласно договорот да се почне со работа. Додека се изведуваат градежните активности ќе има одредени измени во сообраќајниот режим, за што граѓаните дополнително ќе бидат информирани, изјави помошникот раководител на секторот, Момчило Јовановски.

За оваа намена од општинскиот буџет одвоени се 22.599.761.20 денари или над 367.500 илјади евра со вклучен данок на додадена вредност. Ова ќе биде четврт кружен тек во Куманово по трите изградени на булеварот „Октомвриска револуција“, на влезот од Куманово, кај Серава и кај „Митев мост“. 

Босилово - Две села во Општина Босилово ќе добијат градинки, односно старото училиште во Иловица и Центарот за млади во Радово ќе бидат пренаменети во детски градинки, објави градоначалникот Ристо Манчев.

Тој информираше дека Општината аплицирала и ја поминала првата фаза од проектот.

-Втора фаза опфаќа изработка на градежни проекти според кои овие објекти ќе бидат реконструирани и адаптирани во градинки по сите стандарди на министерството, а трета фаза е градење и пуштање во функција. Заради транспарентност ги информираме граѓаните дека до финално пуштање на објектите во функција, процесот се очекува да трае од 12 до 18 месеци. Она што е најважно, знаеме каде се движиме, знаеме што сакаме да постигнеме за една година од сега, објави градоначалникот Манчев.

Охрид – Туристичката понуда на Охрид и Македонија ќе бидат презентирани на познатиот 54. Меѓународен саем за патувања што од денеска наредните три дена се одржува во холандскиот град Утрехт.

Од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот посочуваат дека холандскиот пазар е мошне значаен за развојот на туризмот во земјава.

„Учеството на саемот и промоцијата на македонскиот туризам индиректно придонесува за континуиран раст на бројот на холандски туристи во Република Македонија. Лојалноста во туризмот која најтешко се постигнува, Македонија на овој пазар и официјално ја постигна со тоа што успеа да врати по втор или трет пат холандски туристи кои имаат желба да посетат и други делови од земјава, освен најголемите туристички центри“, информираат од Агенцијата.

Скопје - Градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски денеска промовираше неколку проекти за реконструкција на централното и подрачно училиште „Круме Кепески". Како што информира Општината, се работи за промена на под, нови училници, тоалети за децата со попреченост,...

Ова, изјави Ѓорѓиевски, не е прва инвестиција во училиштето.

-За време на мојот тригодишен мандат, училиштето доживеа целосна преродба. Денес повторно промовираме неколку проекти во „Круме Кепески”. Се работи за изведување градежни активности за реконтрукција на влезот на подрачното училиште, каде што целосно се обновени скалите кои претходно беа речиси уништени, а поставена е и нова настрешница. Како новитет, во подрачното училиште е изграден тоалет за дечињата со попреченост, со што уште еднаш ја потврдуваме нашата заложба за еднаквост и инклузија на територијата на целата општина. Инвестициите продолжија и во централното училиште каде целосно опремивме две училиници за целодневна настава со клупи, столчиња и инвертар, како и дополнително уште две нови училници. Поставен е и нов под, кој со години не беше променет, истакна градоначалникот.

Струга - Струшката полиција приведе две лица од Струга по претходни пријави за семејно насилство во два одделни случаи, информира денеска портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Според него, вчера во 14 часот и 30 минути бил лишен од слобода С.К.(42) од Струга, по пријава дека во семејната куќа со остар предмет се заканувал на негов 46 – годишен братучед од Струга, а оштетил и дел од покуќнината.

Еден час претходно приведен бил и Б.Ш.(49), по претходна пријава дека со работен алат се заканувал на членови на неговото семејство.

По целосно документирање на двата настани, против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава, изјави Димоски.

Скопје - Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје изминатото деноноќие подигнаа и транспортираа приближно 50 кубни метри непрописно одложен отпад во скопските општини Чаир, Ѓорче Петров и Карпош.

Отстранети се 15 кубни метри отпад од картонска амбалажа и петнаесетина автомобилски гуми одложени на јавна површина на улицата Војдан Чернодрински, како и 10 кубни метри кабаст отпад одложен на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица) во скопската општина Чаир.

Во општината Карпош се подигнати приближно 10 кубни метри кабаст отпад одложен на сообраќајна површина на улицата Загребска, во населбата Козле.

Неготино - Триесет и едногодишен маж од Криволак синоќа бил лишен од слобода поради агресивен однос кон лица од Шумска полиција, информираат денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.

-Синоќа во 22 часот, полициски службеници од ОВР - Неготино го лишиле од слобода 31-годишниот Р.Д. од неготинското село Криволак. Околу 21:30 часот во атар на неготинското село Пепелиште, вработени во Шумска полиција - Неготино затекнале три лица како во патничко возило „мазда“ со неготински регистарски ознаки, товарат исечени дрва. Набргу, на местото пристигнал Р.Д. со уште три лица, кој се однесувал агресивно кон вработените во Шумска полиција и ги спречувал при извршување на службените задачи, појаснуваат од СВР - Велес.

Како што додаваат, дрвата и возилото биле одземени, а Р.Д. бил задржан во полициска станица. По документирање на настанот, како што истакнуваат од СВР - Велес, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Скопје - Поради повеќемесечни непринципиелни притисоци кои беа упатени до поединци од Секторот за урбанизам при Општина Карпош, локалната самоуправа има должност да ја информира јавноста, во врска со одобрението за градење број УП 1 бр. 47-560 од 18.01.2024 година издадено на инвеститорите „ЗСФ Ком“ ДООЕЛ Скопје и „Делта 2015 Констракшн“ ДООЕЛ Скопје, на улица Никола Русински.

Имено, од страна на Управниот суд на РСМ доставена е пресуда до Секторот за урбанизам на Општина Карпош, која се однесува на утврдување на законитоста при издавање на градежна дозвола за предметната локација и законитоста на позитивното конзерваторско мислење бр. 08-688/3 од 08.11.2023 година, со која се поништува решението на претходното конзерваторско мислење.

Кавадарци - Превентивна активност за заштита од екстремни температури се реализираше денеска на скијачкиот центар „Михајлово“, информираат од Министерството за внатрешни работи.

- Полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи - Југ, во соработка со локалната власт во општина Кавадарци, денеска на ски-центар „Михајлово“, со посетителите на центарот, како и со жители на околните места кои гравитираат околу Михајлово, спроведоа превентивна активност фокусирана на заштита од екстремни температури, појаснуваат од МВР. 

Полициските службеници во непосредна комуникација со граѓаните, преку практични и показни активности, укажувале како луѓето можат и треба да се заштитат во околности на екстремни временски услови и непогоди, особено при снежни наноси и мраз, потоа како да се пружи прва помош во насока на превенирање на потенцијалните опасности.

Вевчани - Реконструкција на локални улици, изградба на канализациска линија, санација на урбана опрема и градежни активности во детската градинка, се само дел од реализираните проекти во 2024 година во општина Вевчани.

Градоначалникот Спасе Кочовски за МИА информира дека минатата година изградена е канализациска линија „Трафо-Бебекој - Смолејца“, реконструирани се улиците „Дејков мост- Детска градинка“, „Трафо Бебекој - Варвара“, „Попој – Смолејца“, дел од „Трафо-Бубаној-Смолејца“...

Според него, направена е сервисна улица на потегот Света Петка – Средни пот, асфалтиран е патниот правец Вевчани - Горна Белица, а бетониран е и еден од главните канали за наводнување. Кочовски посочи дека е поставена и заштитна ограда на локалната улица „Шопев мост - Здравствен дом Вевчани" за поголема безбедност во сообраќајот. 

Росоман - Општина Росоман доби грант за објект детска градинка во село Сирково, информираше денеска росоманскиот градоначалник Стојан Николов.  

- Општина Росоман  преку проектот на Министерството за труд и социјална политика - за подобрување на социјалните услуги, обезбеди грант за проширување на капацитети на установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, средства за целосна реконструкција на објект во село Сирково, што ќе биде пренаменет и адаптиран во детска градинка. Со тоа обезбедуваме место за престој, воспитување и социјализација на најмладата популација во нашата општина, соопшти Николов. 
 
Тој нагласи дека ова претставува грижа за идните генерации, кои, како што истакна,  во иднина претставуваат значаен ресурс за развој на општината.