• Friday, 10 January 2025
МИА Радио флеш

9 јануари 2025 

Скопје - Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ги осудува, како што вели,  иредентистичките изјави на претседателот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов и бара реакција од Софија и осуда од страна на Европската унија.

-Најостро ги осудувам иредентистичките изјави на лидерот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, со кои тој го поткопува суверенитетот и достоинството на Република Северна Македонија и негира посебниот македонски етнички идентитет. Негирањето на посебноста на македонскиот јазик, идентитет и историја претставува директно кршење на принципите на меѓународното право и основните вредности на Европската унија, наведува Филипче. 

Тој повикува и очекува официјална Софија јасно и недвосмислено да се огради од изјавите на Костадинов, кои, според него, се во спротивност со европските вредности и принципите на добрососедство.

Скопје - Министерката за образование, Весна Јаневска, изјави дека појавата на нарачана изработка на магистерски и докторски трудови мора да запре. Таа нагласи дека Министерството веќе работи на воведување стандарди и мониторинг во високото образование и истакна дека во неколку државни универзитети се одземени неправилно стекнати звања и дека одредени лица се отпуштени од работа.

-Таа појава мора да запре. Како министерство веќе сериозно работиме на тоа да воведеме стандарди, но и мониторинг на случувањата во високото образование. Веќе е јавна тајна во Македонија дека се случуваат вакви неправилности. Она што го правиме секојдневно според можностите кои ни ги дава законот и според човечките капацитети кои ни се на располагање, е да сме присутни во сите високообразовни институции и научни институции. Во неколку државни универзитети веќе се одземени неправилно стекнати звања. Одредени луѓе се отпуштени од работа. Вчера го затворивме шестиот институт. Сериозно разговараме со Универзитетите, кои повторувам, имаат своја автономија која максимално ја почитуваме и ќе ја почитуваме, да направат серозни промени и во студиските програми, но и во начинот на кој ги избираат кадрите кои треба понатаму да ги образуваат младите, рече министерката на денешната прес-конференција во МОН.

Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска одговорајќи на новинарско прашање во врска со Предлог-законот за средно образование кој на крајот на годината беше повлечен, потенцираше дека постојат неколку членови кои треба да се доработат. Очекува тој да биде готов меѓу 20-ти и 25-ти овој месец и потоа да биде вратен во Собранието.

-Знаете дека секогаш може подобро. Имаме неколку членови кои сметаме дека треба да ги доработиме и очекувам Законот да биде готов меѓу 20-ти и 25-ти овој месец и тогаш и ќе го вратиме во Собранието. Во овој момент разговараме со нашите коалициски партнери, рече Јаневска на денешната прес-конференција.

Таа потенцираше дека нема да дозволат политиката да ги запре процесите во образованието.

-Во оваа држава никој никому не може да му забрани да ја слуша, интонира и пее химната на оние што сакаат. Јас искрено се надевам дека во некои идни времиња, сите ќе се почувствуваме како граѓани на една единствена држава, и сите ќе ги почитуваме симболите на нашата заедничка држава и дека тоа нема да биде проблем, додаде министерката.

Скопје - Директорот на Детската клиника Реџеп Мемеди информира дека во нивната клиника е зголемен бројот на пациенти со респираторни и цревни инфекции.

-Во овој дел од годината доминираат сезонските вируси кои се почести. И тоа е скоро секоја година во овој дел од годината. Имаме зголемен број на пациенти со респираторни симптоматологии и цревни инфекции кои се третираат на нашата клиника и ја добиваат потребната нега, рече Мемеди при денешното промовирање на апаратури во Детската клиника. 

Директорот Мемеди нагласи дека работат со полн капацитет и се обидуваат максимално да направат правилна тријажа и потешките пациенти да ги задржат на болничко лекување.

И Институтот за јавно здравје во својот извештај за периодот од 30 декември 2024 до 5 јануари годинава посочува дека е зголемен бројот на заболени од грип. Од вкупно 331 заболени, 101 се деца на возраст од 5 до 14 години и 42 деца на возраст од 0 до 4 години.

Скопје - Министерот за здравство и претседател на Алијансата за Албанците која е дел од владината коалиција „Вреди“, Арбен Таравари денеска ги поздрави најавите на американскиот претседател Џозеф Бајден против оние кои му се закануваат на Западен Балкан и ги поткопуваат повоените договори.

-Ние го поздравуваме тоа и мислам дека Владата се придржува максимално на сите тие меѓународни договори. Нека размислат тие што имаат проблеми рече Таравари.

Американскиот претседател Џозеф Бајден  ги прошири санкциите насочени кон категории на поединци кои подлежат на американски санкции поради оспорување на суверенитетот и територијалниот интегритет на држави од Западен Балкан, поткопување на повоените договори и институции и ангажирање во значителна корупција што го поткопува владеењето на правото и довербата во демократските институциите и избегнувањето на санкциите на американската влада.

Скопје  - Цените на угостителските услуги во декември 2024 година, во однос на истиот месец од претходната година, се зголемени за 6.1 %. Во споредба со ноември 2024, пак, цените пораснале за 0.6 %, соопшти Државниот завод за статистика.

Кумулативниот индекс на цените на угостителските услуги за периодот јануари – декември 2024 година, во однос на истиот период од минатата година, е зголемен за 5.6 %, додека во однос на декември 2023 година, е забележан раст од 3.5 %.

Битола - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и директорот на АД МЕПСО, Бурим Латифи пуштија во употреба нов 400/110 kV трансформатор кој е инсталиран во трансформаторската станица (ТС) Битола 2.

Пуштањето во употреба на новиот 400/110 kV трансформатор значи многу за овој регион, истакна министерката Божиновска на промотивниот настан во ТС Битола-2.

-Трансформаторот значи многу за овој регион и се надевам дека и останатите проекти навремено ќе бидат извршени. Тоа ќе доведе до сигурно снабдување со електрична енергија во овој и следниот период, нагласи Божиновска за инвестицијата која претставува клучен чекор во обезбедувањето енергетска стабилност за југозападниот регион на земјата.

Според директорот на АД МЕПСО Бурим Љатифи, инвестицијата е значајна за целиот електроенергетски систем, а компанијата ќе продолжи и со активности на проектот за интерконекција меѓу Битола и Елбасан.

Неготино - Триесет и едногодишен маж од Криволак синоќа бил лишен од слобода поради агресивен однос кон лица од Шумска полиција, информираат денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.

-Синоќа во 22 часот, полициски службеници од ОВР - Неготино го лишиле од слобода 31-годишниот Р.Д. од неготинското село Криволак. Околу 21:30 часот во атар на неготинското село Пепелиште, вработени во Шумска полиција - Неготино затекнале три лица како во патничко возило „мазда“ со неготински регистарски ознаки, товарат исечени дрва. Набргу, на местото пристигнал Р.Д. со уште три лица, кој се однесувал агресивно кон вработените во Шумска полиција и ги спречувал при извршување на службените задачи, појаснуваат од СВР - Велес.

Љубљана - Словенечките затвори се соочуваат со сериозна пренатрупаност, при што моменталната пополнетост изнесува 130 проценти, јави Анадолија.

Најголемиот проблем е во затворот во Љубљана, каде пополнетоста достигна 177 проценти, а потоа следуваат затворите во Копер и Марибор.

Во недела истекува важноста на уредбата на Владата на Словенија за засилени мерки за безбедност поради кадровски и просторни проблеми во затворите.

Во првите три месеци од примената на уредбата, беа спроведени две мерки: привремен прекин на казните и вработување на поранешни затворски полицајци. Но, и покрај мерките, состојбата останува критична.

Атина – Четири лица се повредени, откако, од засега непознати причини, паднал лифт во атинската државна болница „Црвен крст“, јави дописничката на МИА од Атина.

Според првичните информации повредени се двајца болничари од возило на брза помош на приватна клиника, еден пациент и неговиот придружник и неофицијално нивната здравствена состојба е под контрола.

Претседателот на Федерацијата на вработени во државните болници Михалис Јанакос за информативниот портал „Еникос“ објасни дека несреќата се случила во старото крило на болницата, дека четворицата најверојатно се полесно повредени.

Атина – Во присуство на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, кипарскиот претседател Никос Христодулидис, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис, членови на Владата, пратеници од Парламентот, семејството и пријателите, во Соборниот храм во Атина се одржа литургија и комеморација во чест на поранешниот премер на Грција Костас Симитис, кој почина во неделата на 88-годишна возраст, јави дописничката на МИА од Атина.

По комеморацијата, Симитис беше испратен до неговото вечно почивалиште, а поворката пеш од Соборниот храм се упати до гробиштата, застанувајќи пред грчкиот Парламент, неговиот втор дом, како што коментираат медиумите во Грција и каде што му беше оддадена почит, со оглед на тоа што речиси 24 години беше пратеник.

Виена  - Во Виена за вечерва се најавени протести против евентуалната коалиција меѓу Слободарската партија на Австрија (FPÖ) и Народната партија (ÖVP), објави Vienna.at.

Под мотото „Аларм за Републиката“, демонстрации ќе се одржат вечерва пред седиштето на владата, како и во други градови, како Грац и Салцбург. Организатори се организации како Volkshilfe, Greenpeace и SOS Mitmensch, поддржани од бројни невладини организации.

Овие протести би можеле да го означат почетокот на нова серија „четврточни демонстрации“, кои потсетуваат на протестите од 2000 година, кога над 150.000 лица протестираа против владата на FPÖ и ÖVP.

Варшава - Полскиот претседател Анджеј Дуда побара од полскиот премиер Доналд Туск гаранции дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нема да биде уапсен доколку го посети Аушвиц на 27 јануари за 80-годишнината од ослободувањето на најголемиот нацистичкиот логор на смртта, пренесуваат тамошните медиуми.

„Ако премиерот на Израел ја изрази својата желба да учествува на одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на поранешниот нацистички логор на смртта Аушвиц, полската Влада мора да му гарантира, во тие апсолутно вонредни околности, дека тој може да престојува во нашата земја без никакви проблеми, без оглед на налогот за апсење од Меѓународниот кривичен суд во Хаг“, цитира полската телевизија Полсат дел од писмото на Дуда.

Во тоа писмо, како што неофицијално дознаваат полските медиуми и Блумберг, Дуда изразил надеж дека владата ќе најде начин како да овозможи Нетанјаху да не биде уапсен во Аушвиц, а во исто време Полска да го почитува меѓународното право.

Братислава - Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека на Словачка и обезбедил резерви од гас за време на посетата и средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Москва минатиот месец, пред Украина да го прекине транзитот на гас од Русија на почетокот на 2025 година.

-Морав да обезбедам гас барем за домашната словачка потрошувачка - што го обезбедивме, рече Фицо во видео објавено на Фејсбук.

Тој не откри повеќе детали за договорот за гас, а владината канцеларија не одговори веднаш на барањето за коментар.

Фицо го обвини Киев дека ѝ штети на Словачка со тоа што одби да го продолжи договорот за транзит на руски гас, што истече на крајот на 2024 година, и се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија за Украина и ќе ја намали помошта за бегалците.

Рим – Премиерката на Италија, Џорџа Мелони на годишната прес-конференција во Рим изјави дека САД немаат намера „насилно да ги анектираат“ Гренланд и Панамски Канал, толкувајќи ги изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп како порака насочена кон Кина.

- Исклучувам дека САД насилно ќе присоединат територии од нивни интерес во наредните години … Изјавите на Трамп првенствено претставуваат порака насочена кон другите големи сили … Зборуваме за две територии каде што влијанието на Кина расте во изминатите години, посочи Мелони, која на 4 јануари имаше средба со Трамп.

Таа се осврна и на американската поддршка за Украина, која според неа нема да се намали.

Ереван – Премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан на владина седница ги претстави можните дејствија за нацрт-законот за започнување на процесот за пристапување на земјата во Европска Унија.

Тој изјави дека Владата нема забелешки за усвојувањето на предлог-законот, но потсети дека одлуката за влез во ЕУ може да се донесе само преку референдум.

- Усвојувањето на законот буквално не значи пристапување на Ерменија во ЕУ, бидејќи овој момент не може да се постигне и одлуката не може да се донесе преку закон или владина одлука. Донесувањето одлука во овој момент може да се направи само преку референдум, нема друга опција, посочи Пашинјан.

Берлин - Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска најави дека САД ќе испратат уште 500 милиони долари воена помош за Украина.

-Денеска објавувам нов пакет помош од 500 милиони долари за Украина. Пакетот вклучува ракети за борбени авиони, опрема за одржување Ф-16, оклопни системи и мало оружје и муниција, рече Остин, отворајќи состанок на Контакт групата во воздухопловната база Рамштајн во Германија, пренесуваат американските медиуми.

Оружјето се финансира преку претседателските овластувања за повлекување средства од буџетот, што значи дека може да се повлечат директно од американските залихи, а Пентагон се залага да и го достави на Украина пред крајот на месецот, рече Остин.

Брисел – Територијата на Белгија од синоќа е зафатена од снежни врнежи, кои освен сообраќајни несреќи и забавување на сообраќајот, не е предизвикан поголем застој. 

Според метеоролозите, снежните врнежи ќе престанат до крајот на денов или ќе преминат во дожд, освен во реонот на Ардените во југоисточниот дел на земјата.  

Во реонот на Брисел се регистрирани помали застои на сообраќајот, пред се на влезовите во градот, како и доцнење на некои градски автобуски линии, но и на летови од меѓународниот аеродром Завентем до максимум еден час.  

По тежината на снежната покривка биле регистрирани случаи на паѓање на дрва, па така Противпожарната бригада на Брисел имала вкупно 15 интервенции за отстранување на гранки и дрвја кои паднале на улиците и патиштата. 

Брисел - Европскиот комесар за енергија и домување Дан Јоргенсен и словачкиот премиер Роберт Фицо денеска во Брисел постигнаа договор за формирање на Работна група на високо ниво за следење на состојбите поврзани со прекинот на транзит на руски гас преку територијата на Украина, од што најмногу се погодени Словачка и Молдавија. 

- Се договоривме да формираме Работна група на високо ниво за следење и идентификување на опциите врз основа на заедничка проценка на ситуацијата и да видиме како ЕУ може да помогне, се наведува во заедничката изјава од билатерална средба меѓу Јоргенсен и Фицо. 

Во изјавата се вели дека двајцата соговорници имале „добра и отворена дискусија“ за енергетската ситуација и пошироките импликации од прекинот на транзитот на рускиот гас преку Украина. 

Брисел - Земјите членки на ЕУ имаат обврска да ја штитат надворешната граница на Унијата, но при тоа мора да дејствуваат на достоинствен и хуман начин согласно европското и меѓународното право и да ги почитуваат нивните обврски, вклучувајќи го и почитувањето за основните човекови права, изјави портпаролот на ЕК за внатрешни работи, демократија, правда и владеење на правото, Маркус Ламерт во врска со пресудата на Европскиот суд за човекови права против Грција за „систематско враќање на мигрантите“. 

- Комисијата ја нотираше овонеделната пресуда на Европскиот суд за човекови права, но не коментира конкретни пресуди. Земјите членки треба да обезбедат усогласеност со пресудите под надзор на Комитетот на министри на Советот на Европа, така што, како што реков, не навлегуваме во овој конкретен случај, рече Ламерт. 

Брисел - Поранешниот еврокомесар за внатрешен пазар Тјери Бретон изјави дека е правно возможно да се забрани платформата Икс, сопственост на Илон Маск, во земјите на Европската Унија.

Бретон во интервју за француската „LCI“ истакна дека ваквата одлука не би била произволна, туку ќе се темели на законска основа, доколку поранешен Твитер не ги почитува законите на ЕУ за дигитални услуги (DSA) и дигитални пазари (DMA), пренесува Анадолија.

Бретон потсети дека платформата Икс веќе беше забранета во Бразил, и предупреди дека евентуална забрана во Европа би имала сериозни финансиски последици за Маск.

Критиките кон Маск се засилија поради неговите објави на социјалните мрежи, кои изразуваат поддршка за екстремно десничарски партии во Европа, како и поради таргетирање на европски политичари.

Москва – Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека претседателот на Русија, Владимир Путин ќе ја поздрави желбата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за контакти, но оти засега нема потези за контакти.

- Посоодветно е да се чека Трамп да го направи првиот чекор, истакна Песков.

Тој коментирајќи ја изјавата на Трамп за Гренланд и Канада наведе дека Арктикот е во зоната на стратешките национални интереси на Русија.

- Москва внимателно ги следи драматичните случувања, стремејќи се кон мир и стабилност во регионот, истакна Песков.

Бејрут - Либанскиот парламент денеска во вториот круг го избра воениот командант Џозеф Аун за нов претседател на земјата, јавија британските медиуми.

Генералот Аун (60) ја има поддршката од САД, а неговото назначување укажува дека влијанието на Хезболах во Либан е намалено по војната со Израел.

Аун, наводно, ја има поддршка и од Саудиска Арабија, со чија помош, заедно со таа од САД, Либан ќе треба да се погрижи Израел да ги повлече своите сили од јужниот дел на земјата, како што е предвидено во мировниот договор, и да ја финансира повоената реконструкција.

Британските медиуми пренесуваат дека Хезболах претходно соопшти дека нема да стави вето на реизборот на Аун, но дека оваа милитантната група нема намера да го поддржи.

Вашингтон - Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, на својата платформа Truth Social сподели видео во кое директорот на Центарот за одржливост при Универзитетот Колумбија, Џефри Сакс, ја критикува политиката на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Блискиот Исток, пренесува Анадолија.

Во видеото, Сакс изнесува процени за причините за инвазијата на Ирак во 2003 година. „Од каде дојде оваа војна? Знаете ли? Тоа е изненадувачки. Војната всушност започна од Нетанјаху,“ вели Сакс.

Тој го обвини Нетанјаху за влијание врз американската надворешна политика. - Нетанјаху уште од 1995 година верува дека единствениот начин да се решат проблемите со Хамас и Хезболах е уривање на владите кои ги поддржуваат, како оние во Ирак, Сирија и Иран. Нè вовлече во бесконечни војни и благодарение на своето влијание врз американската политика секогаш го добиваше она што го сака, но војната од 2003 година беше целосно лажна, рече Сакс.

Вашингтон – Членот на јапонската криминална организација јакуза, Такеши Ебисава се изјасни за виновен за заговор за продажба на нуклеарни материјали од Мјанмар на Иран, како и за шверц на дрога и оружје.

Ебисава (60) пред Федералниот суд на Менхетен се изјасни за виновен по шест точки од обвинението. Изрекување на пресудата е закажано на 9 април.

Ебисава во 2020 година на таен агент на американската за Администрација за борба против дрогата (ДЕА) му кажал дека поседува големо количество ториум и ураниум, кои сакал да ги продаде. Тајниот агент на ДЕА се согласил да му помогне на Ебисава во посредувањето за продажба на нуклеарните материјали на соработник кој се претставил како ирански генерал. Лабораториската анализа на жолтиот прав открила значителни количини ураниум, ториум и плутониум.

Вашингтон – Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп денеска повторно го обвини гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом за ширење на шумските пожари и го повика да поднесе оставка.

- Еден од најдобрите и најубавите делови на САД гори до темел. (Јужна Калифорнија) се претвора во пепел, а Гевин Њусом треба да поднесе оставка, напиша Трамп на својата платформа „Трут сошал“ (Truth Social).

Тој додаде дека „за се е виновен“ гувернерот на Калифорнија.

Нџамена -  Во напад на претседателската палата во Чад загинаа 18 напаѓачи, а шестмина се уапсени. Еден војник загина, додека тројца беа ранети, јавуваат локалните медиуми.

Нападот се случил синоќа, додека претседателот на Чад, Махамат Идриз Деби, се наоѓал во палатата. Сепак, властите изјавија дека ситуацијата брзо е ставена под контрола.

„Ситуацијата е целосно под контрола. Нема место за страв“, изјави министерот за надворешни работи Абдерахман Куламалах, кој беше опкружен со војници за време на пренос во живо на Фејсбук.

Во интервју за државната телевизија, Куламалах ја пофали будноста на стражарите од палатата, опишувајќи ги напаѓачите како неорганизирани и „под влијание на алкохол и дрога“.

Мелбурн - Тројца тинејџери се квалификуваа за главната ждрепка на Австралија Опен во 2025 година во сингл за мажи.

Станува збор за 18-годишниот Бразилец Жоао Фонсека и 19-годишните Мартин Ландалус од Шпанија и Ленер Тинг од САД.

Според организаторот на Грен слемот, ова е прв пат од 2015 година толку многу млади играчи да се квалификуваат на главниот турнир.

Во 2015 година, четворица млади тенисери влегоа во главната ждрепка на УС Опен: Германецот Александар Зверев, Русинот Андреј Рубљев, Американецот Томи Пол и Швеѓанецот Елиас Имер.