• Wednesday, 17 July 2024

Конститутивно заседание на новиот состав на Европскиот парламент 

Конститутивно заседание на новиот состав на Европскиот парламент 

Брисел, 16 јули 2024 (МИА) – Од денеска до петок во Стразбур ќе се одржи конститутивно заседание на новиот состав на Европскиот парламент, во чии рамки главен настан ќе биде гласањето за реизбор на Урсула фон дер Лајен за претседателка на Европската комисија, предвидено за в четврток. 

Заседанието започнува претпладнево со конституирање на Европарламентот и со избор на негов претседател, функција за кој кандидат е досегашната вршителка на оваа должност, Малтежанката Роберта Мецола, која доаѓа од редовите на Европската народна партија (ЕПП). Мандатот за кој треба да биде реизбрана Мецола е две и пол години. Гласањето ќе биде тајно. 

Дополнително на денешниот дел од заседанието европратениците ќе ја започнат постапката за избор на 14 потпретседатели на Европскиот парламент, која се очекува да продолжи и утре. Потпретседателите се бираат во три круга, при што во првите два за да биде избран кандидатот мора да добие апсолутно мнозинство гласови од вкупниот број на европратеници што гласале, додека во третиот круг за избран се смета кандидатот што ќе добие најмногу гласови, независно од мнозинството. 

По изборот на потпретседателите, европратениците ќе преминат на избор на петмината квестори, чија функција е да ги надгледуваат административните и финансиските прашања кои директно ги засегаат членовите на Европскиот парламент, а вршат и другите должности што им се доделени со Деловникот на ЕП или парламентарното Биро. Бирото на Европарламентот го сочинуваат претседателот, потпретседателите и квесторите. Петмината квестори се бираат од редовите на европратениците со мандат од две и пол години. 

За в среда е предвидена и постапката за формирање на комисиите и делегации на Европарламентот. Европратениците ќе гласа за бројниот состав на постојаните комисии и поткомисии, како и на интерпарламентарните делегации на ЕП. Членовите на комисиите, поткомисиите и делегациите ќе ги номинираат политичките групации во Европскиот парламент и нивниот состав треба да биде објавен на последниот ден од овонеделното заседание в петок. 

За следната недела се предвидени конститутивните седници на комисиите на кои треба да бидат избрани нивните претседатели и потпретседатели. 

Заседанието на Европарламентот в четврток ќе започне со обраќање на кандидатката за претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која пред европратениците ќе ги претстави својата визија и планови за работа за следните пет години. По обраќањето на Фон дер Лајен предвидена е парламентарна расправа по презентираната програма за работа, по што за во 13 часот е закажано гласање за нејзин реизбор. Гласањето е тајно, а за да биде избрана Фон дер Лајен треба да добие апсолутно мнозинство гласови од вкупниот број пратеници или 361 глас. 

За в среда, исто така, е закажана и дебата за поддршка на ЕУ за Украина во справувањето со руската агресија, по што за во доцните попладневни часови е предвидено гласање за Предлог-резолуција за ова прашање. 

Инаку, во пресрет на денешното заседание синоќа се одржа официјална церемонија на подигање на знамето на ЕУ пред зградата на Европарламентот. сп/

Фото: МИА Архива