• Wednesday, 17 July 2024

Иран е отворен за продолжување на преговорите со САД за обновување на нуклеарниот договор

Иран е отворен за продолжување на преговорите со САД за обновување на нуклеарниот договор

Техеран, 16 јули 2024 (МИА) - Техеран останува отворен за продолжување на преговорите со САД за иранската нуклеарна програма со цел да се обнови договорот, изјави денеска вршителот на должноста министер за надворешни работи на Иран, Али Багери Кани.

Багери Кани во интервју за „Њузвик“ рече дека Иран има намера да поттикне и продлабочување на врските со Кина, Русија и соседните земји. Тој посочи дека Иран, исто така, ќе повика на поголема акција против Израел поради инвазијата на Појасот Газа.

Шефот на иранската дипломатија се подготвува да се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк.

Во 2018 година, кога Доналд Трамп беше претседател, САД се повлекоа од нуклеарниот договор меѓу Иран и шесте светски сили што ги ограничуваше нуклеарните програми на Техеран. Индиректните преговори меѓу САД и Иран за заживување на договорот се во застој.

Иран го намали исполнувањето на обврските од договорот поради санкциите наметнати од САД кон Техеран.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден минатата недела објави дека САД не се подготвени да ги продолжат преговорите за нуклеарниот договор со Иран по изборот на нов ирански претседател.

Багери Кани стана вршител на должноста министер за надворешни работи откако иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан загина во хеликоптерска несреќа заедно со иранскиот претседател Ебрахим Раиси во мај. Иранците го избраа Масуд Пезешкијан за претседател. ссм/

фото: архива