„Завод и музеј Струмица“ со зголемен буџет за оваа година ќе реализира значајни проекти
- НУ „Завод и музеј Струмица“ за оваа година ќе располага со буџет од 8.200.000 денари денари, што е за 1,7 милиони денари повеќе во споредба со лани, за реализирање на програмските активности на музејската дејност, како и на секторот за заштита и конзервација на недвижното културно наследство финансирани од страна на Министерството за култура и туризам, истакна на денешната прес - конференција директорот на оваа установа, Бранко Ѓоргиев.
Струмица, 27 февруари 2026 (МИА)-НУ „Завод и музеј Струмица“ за оваа година ќе располага со буџет од 8.200.000 денари денари, што е за 1,7 милиони денари повеќе во споредба со лани, за реализирање на програмските активности на музејската дејност, како и на секторот за заштита и конзервација на недвижното културно наследство финансирани од страна на Министерството за култура и туризам, истакна на денешната прес - конференција директорот на оваа установа, Бранко Ѓоргиев.
Според него, за реализација на програмските активности во музејската дејност, вкупно 14 проекти, се предвидени 1.500.000 денари. Проектите предвидени за реализација во оваа дејност се однесуваат на конзервација и заштита на движно наследство, спроведување етнолошки теренски истражувања, изработка на документација за фрескоживописот во црквите во селата Сачево и Смолари, како и евидентирање на црковни предмети од пет цркви во Струмичко со потекло од 19 век. Понатаму изработка на етнолошко-антрополошки документарен филм, работилници за деца, изработка на основен проект за музеј на вода, односно реконструкција на праисториска наколна населба во водите на Дојраското Езеро, печатење зборници на трудови, монографии и друго.
-За заштита на недвижно културно наследство се предвидени финансиски средства во вкупен износ од 6.500.000 денари и тие се однесуваат на проекти поврзани со конзервација на одбранбената кула кај село Мокриево, конзервација и реставрација со археолошко доистражување на локалитетот „Мачук“ во Струмица, реализација на Основен проект за конзервациjа, реставрација и санација на црквата Свети Кирил и Методиј во Струмица (четврта фаза на реализација на основниот проект), изработка на проект за непосредна заштита на црквата Свети Атанасиј, село Габрово, Гевгелија, понатаму заштитни археолошки истражување на споменичната целина Бања Банско, како и изработка на елаборати за валоризација и ревалоризација на повеќе археолошки споменици на културата во Југоисточна Македонија, истакна Ѓоргиев.
Тој ги издвои повеќегодишните капитални проекти како што се основниот конзерваторски проект на црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Струмица. За овој повеќегодишен проект се предвидени вкупно 15.000.000 денари, од кои за оваа година се издвоени 5 милиони денари.
-И годинава ќе се работи на реализација на основен конзерваторски проект за санација на покривот на манастирот „Свети Леонтиј“ во Водоча со финансиски средства во висина од 1.659.062 денари. Тука спаѓа и реализацијата на проектот во партнерство со музејот во градот Кукуш, во Грција како дел од Интерег програмата на Европската Унија за 2021-2027 година и со него се очекува изработка, од наша страна, на покривна конструкција на античкото термално лекувалиште во село Банско. За овој проект кој треба да се реализира во Кукуш и во Струмица вкупно се одобрени 25.830.000 денари. Освен тоа, годинава продолжуваме и со завршните работи на Стариот струмички театар. За него се предвидени 196 милиони денари, додаде Ѓоргиев.
Тој информираше дека за годинава новитет е и тоа што институцијата ќе располага со делегиран буџет, односно директорот и вработените сами ќе одлучуваат, во висина на одобрениот буџет од страна на Министерството за култура, за стратешкиот развој на институцијата преку самостојното утврдување на приоритетните проекти. рт/вг/
Фото: МИА