Пробивањето на булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово, предуслов за изградба на кружен тек
- По завршувањето на подземните активности ќе следува финалната фаза, изградба на кружен тек на крстосницата, со што ќе се заокружи инфраструктурното решение на овој потег.
Куманово, 27 февруари 2026 (МИА) - Пробивањето и уредувањето на дел од булеварот „Октомвриска револуција“ и негово поврзување со градскиот парк, влегува во интензивна фаза на реализација, најави градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски. Претходно почна изградбата и реконструкцијата на подземната инфраструктура.
Како што појаснува Димитриевски, станува збор за комплексен зафат што опфаќа експропријација, изградба на нова атмосферска канализација, реконструкција на дотраена водоводна мрежа, поставување гасовод и надминување на имотно-правните пречки што со години го кочеа проектот.

-Имотно-правни проблеми коишто ги имавме на самото место се решени и направена е целосна експропријација. Избран е изведувач за градежните работи се појави дополнителна потреба од интервенции под земја, реализација на дел од атмосферската, канализациска мрежа и измена, односно промена на постоечката водоводна мрежа, којашто е постара од 50 години. Во меѓувреме изработивме и проект за гасификација на тој дел од градот. Во моментов ЈП „Куманово гас“ реализира нова гасификациска мрежа таму-изјави градоначалникот.

По завршувањето на подземните активности ќе следува финалната фаза, изградба на кружен тек на крстосницата, со што ќе се заокружи инфраструктурното решение на овој потег.
- Откако ќе бидат завршени сите тие градежни активности, ќе се создадат услови за отворање и ново решение со кружен тек на таа раскрсница, што би било последна фаза. Првично се работи под земја, а не сакаме временските услови да нè затечат во текот на раскопувања на таа голема површина. Очекувам кон крајот на март да започне реализацијата на кружниот тек и целосно пробивање и уредување на булеварот со негово поврзување со Градскиот парк-изјави Димитриевски.
Проектот опфаќа и реконструкција на дел од околните улици што гравитираат кон оваа делница, поставување современо јавно осветлување и асфалтирање. Со изградбата на овој кружен тек, Куманово ќе го добие четвртиот ваков сообраќаен јазол, по трите веќе реализирани на булеварот „Октомвриска револуција“, на влезот во градот, кај Серава и кај Митев мост. Надлежните очекуваат дека поврзувањето на „Октомвриска револуција“ со улиците „Доне Божинов“ и „Братство и единство“ значително ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж во градот. ам/вј/
Фото: МИА и Општина Куманово