• Saturday, 28 February 2026

Кампања во Куманово „Пријави насилство – не биди нем сведок!”

Кампања во Куманово „Пријави насилство – не биди нем сведок!”

Куманово, 27 февруари 2026 (МИА) - Отсекот за превенција при СВР Куманово во соработка со Општински совет за превенција на детско престапништво од Општина Куманово, денеска спроведоа кампања низ централното градско подрачје, посветена на деца, жени и стари, немоќни лица, кои честопати се жртви на семејно насилство. Превенцијата на семејното насилство останува еден од клучните безбедносни и социјални предизвици на локално ниво, особено кога станува збор за заштита на немоќни лица, категории кои најчесто се јавуваат како жртви.

Кампањата имаше информативен и охрабрувачки карактер со директен контакт со граѓаните и дистрибуција на едукативни брошури во кои се појаснети правата на жртвите и достапните механизми за заштита, вклучително и СОС телефонски линии за пријавување насилство.

Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, која учествуваше во активноста, потенцира дека институционалната координација е клучна во борбата против оваа појава.

- На покана на Отсекот за превенција, СВР Куманово, во соработка со Општинскиот совет за превенција на детско престапништво, денеска учествував во кампања посветена на деца, жени и стари, немоќни лица, кои честопати се жртви на семејно насилство. Целта на оваа акција е да се упати апел до сите лица кои претрпуваат психичко, уцени, закани и слично, како и физичко насилство од членови на најблиското семејство, брачни партнери или други лица со кои живеат во заедница. Иако, кампањата има симболичен карактер, таа отвора суштинско прашање – колку жртвите навистина имаат доверба во системот и дали навремено ги користат механизмите за заштита. Стручната јавност со години укажува дека семејното насилство често останува скриено зад ѕидовите на домот, поради страв, економска зависност или социјална стигма. Во конкретни разговори, граѓаните споделуваат семејни проблеми и важно е да се помогне да се подигне свеста-изјави Ѓорѓиевска.

Таа нагласи дека охрабрувањето на жртвите да проговорат е првиот чекор кон нивна заштита.

-Сите лица кои се соочуваат со семејно насилство можат да ги пријават овие дела во СВР Куманово, во Основното јавно обвинителство, ОЈО Куманово и во институциите кои се надлежни да преземат мерки во врска со ваквите негативни појави и да ги заштитат немоќните граѓани – додаде Ѓорѓиевска.

Во кампањата се приклучија и претседателката и членови на Советот на Општината, волонтери од хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово, како и инспектори од Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за малолетничка деликвенција и семејно насилство. Активностите, како што најавија организаторите, ќе продолжат и во наредните денови. ам/вј/

Фото: МИА и Општина Куманово

You May Also Like