Во Битола премиера на театарската претстава „Пинокио“ во режија на Деан Дамјановски
- Во битолскиот театар по 30 години повторно ќе биде изведена претставата „Пинокио“ од Карло Голоди во режија на Деан Дамјановски. Прв режисер на претставата пред 30 години беше Љупчо Ѓоргиевски, ликот на Пинокио го толкуваше актерката Валентина Грамосли која повторно ќе настапи во улогата на штурецот, а во новата премиера, ликот на Пинокио го игра актерот Никола Стефанов.
Битола, 27 февруари 2026 (МИА) - Во битолскиот театар по 30 години повторно ќе биде изведена претставата „Пинокио“ од Карло Голоди во режија на Деан Дамјановски.
Прв режисер на претставата пред 30 години беше Љупчо Ѓоргиевски, ликот на Пинокио го толкуваше актерката Валентина Грамосли која повторно ќе настапи во улогата на штурецот, а во новата премиера, ликот на Пинокио го игра актерот Никола Стефанов.
-Овој е народен театар и овој театар треба да создава што повеќе и квалитетни спектакуларни претстави, а Пинокио е пример за тоа како и останатите театари во државата треба да вложуваат и да создаваат театар посветен на децата, истакна Васко Мавровски, директор на НУ Народен театар Битола.
Театарската претстава „Пинокио“ во најголем дел е музички оформена, а композитор е Марјан Нечак, сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимите на Андреј Георгиевски, а режисер е Деан Дамјановски.
- Со битолскиот театар соработував пред пет години кога ја подготвувавме претставата „Сомнително лице“ и која се уште е на репертоарот затоа што има интерес кај публиката. А новиот проект „Пинокио“ кој е поддржан од целиот ансамбл, претставува синтеза и со млади луѓе, деца кои се вклучија во процесот на работа кој што беше многу интересен, но напорен. Приказната за Пинокио носи многу важна порака и поврзана со изборите што ги правиме во животот, некогаш правиме погрешен избор, но никогаш не е доцна човек да се врати на вистинскиот пат, посочи режисерот Дамјановски.
Во претставата освен актерот Никола Стефанов и актерката Валентина Грамосли, ќе настапат Марјан Георгиевски, Јулија Мирчевска, Маја Андоновска Илијевски, Катерина Аневска Дранговска и Александар Димитровски, но и членови на театарската школа „Бабец“.
Автор на театарскиот плакат е Михајло Димитриевски познат како „Тхе Мичо“, еден од најдобрите македонски илустратори и тој во текот на цела 2026 година ќе биде посветен на дизајнот на рекламниот материјал на НУ Народен театар Битола, информираа од таа национална установа.мт/вј/
Фото: МИА