Советот на Берово ја усвои Завршната сметка на Буџетот за 2025 година
- Со 14 гласа „за“ и еден воздржан, документот дава преглед на реализираните приходи, расходи и финансиското работење на општината
Берово, 11 март 2026 (МИА) – Советот на Општина Берово на денешната седница ја усвои Завршната сметка на Буџетот на општината за 2025 година, со 14 гласа „за“ и еден воздржан.
Со усвојувањето на овој документ се дава целосен преглед на реализираните приходи и расходи во текот на изминатата буџетска година, како и на финансиското работење на општината во 2025 година.
-Завршната сметка претставува годишен финансиски извештај преку кој се прикажува степенот на реализација на планираните буџетски средства, како и начинот на нивната распределба по програми, активности и буџетски ставки. Во документот се содржани податоци за приходите остварени од различни извори, како и за реализираните расходи во рамки на општинските програми и проекти, истакнаа од Општина Берово.
Оттаму посочуваат дека со овој документ се обезбедува транспарентен увид во трошењето на буџетските средства и се овозможува оценување на ефикасноста во спроведувањето на планираните општински политики, мерки и проекти во текот на годината.
-Завршната сметка, исто така, претставува основа за анализа на финансиското работење на општината и за планирање на идните буџетски активности и приоритети. Со донесувањето на Завршната сметка официјално се заокружува финансиското работење на Општина Берово за 2025 година, подвлекоа од Општината.
Документот е достапен на официјалната интернет-страница на општината, каде граѓаните можат да направат увид во финансиските податоци. вс/
Фото: МИА