Асфалтиран патот Лавце-Селце-Вејце
- Општина Тетово и градоначалникот Биљал Касами информираа дека завршено е асфалтирањето на патот што ги поврзува селата Лавце, Селце и Вејце
Тетово, 11 март 2026 (МИА) - Завршено е асфалтирањето на патот што ги поврзува селата Лавце, Селце и Вејце, информира денеска градоначалникот на Тетово Биљал Касами. Асфалтирани се 1200 метри, а зафатот, како што рече, чинел над 15 милиони денари.
-Во село Лавце, според првичниот проект, беше предвидено отворање и асфалтирање на патна инфраструктура со должина од 932 метри и површина од 3.263 метри квадратни. Сепак, благодарение на ангажманот на терен, беше извршено асфалтирање на целиот пат со должина од околу 1.200 метри и вкупна површина од 4.783 метри квадратни. Вредноста на проектот од општинскиот буџет беше 11.800.000 денари, додаден е и анекс од 2.357.000 денари. Дополнително, обезбедена е и донација од компанија во износ од 1.300.000 денари, изјави Биљал Касами.
Во Селце, проектот финансиран од општинскиот буџет заедно со анексот достигнува вредност од над 18 милиони денари, за гребење на постоечкиот асфалт и поставување нов асфалтен слој на површина од 7.350 метри квадратни.
- Благодарение на реализацијата на овој проект, изграден е современ пат со минимална ширина од 6 метри (две ленти од по 3 метри), додека во деловите со свиоците ширината достигнува до 8 метри. Вкупно се асфалтирани околу 9.000 метри квадратни пат, поставени се заштитни странични огради со должина од 1.543 метри и поставено е јавно осветлување по целата должина на патот, истакна Касами.
Според градоначалникот, преку дополнителна донација од компанијата, која не била дел од првичниот проект, извршени се дополнителни работи што вклучуваат целосно отворање на трасата, отстранување на постоечкиот асфалт, проширување на патот за 1,5–2 метри, тампонирање на целата површина, поставување на 40 ЛЕД улични светла, обележување со бели сигнални линии и изградба на потпорен ѕид долг 19 метри. ас/лв/
фото: Општина Тетово