Повторно оперативни зафати на крајници во Општата болница во Охрид
- Тим лекари од Клиничкиот центар во Скопје и на Општата болница во Охрид денеска изведоа два успешни хируршки зафати на крајници, интервенција што во охридската болница не е изведена пред речиси две децении.
Охрид, 11 март 2026 (МИА) – Тим лекари од Клиничкиот центар во Скопје и на Општата болница во Охрид денеска изведоа два успешни хируршки зафати на крајници, интервенција што во охридската болница не е изведена пред речиси две децении.
Како што посочи оториноларингологот Игор Камшиковски, оперативниот третман на крајници по 18 години застој повторно се враќа во редовна пракса во охридската болница, што е големо олеснување за пациентите кои досега требаше да поминат стотици километри за лекување, а сега тоа да можат да го добијат во Охрид.
- Исклучително често пациенти од внатрешноста доаѓаат на Клиниката за уво, нос и грло во Скопје и на дневна основа се изведуваа по пет вакви хируршки интервенции, односно на неделно ниво дваесет и пет. На месечно ниво се околу сто интервенции. Меѓутоа бројот на хирурзи ни е различен од Општата болница Охрид и треба да се размислува во наредниот период да се зголеми истиот и на тој начин ќе овозможиме пациентите да добиваат здравствена заштита поблиску до местото на живеење преку Фондот, вели Камшиковски.
Охридскиот лекар, Наум Kостојчиноски, кој заедно со колешката Ангела Колевска беше дел од оперативниот тим, изрази уверување дека денешните зафати ќе бидат редовна пракса на Оделението за уво, грло и нос во Општата болница во Охрид, каде веќе за в понеделник на програма се ставени други оперативни зафати.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, задоволен што како пракса повторно се воведуваат такви оперативни зафати, затоа што, како што рече Охрид е центар на еден поголем регион во кој спаѓаат уште и Кичево, Дебар, Струга, Ресен...
- Значи имаме пациенти од секаде и би било одлично да не е е се централизирано кон Скопје, туку малку да се растерети здравствениот систем од главниот град и во останатите градови. Охридската болница ги има сите услови за да ги изведува овој тип на операции и интервенции и ова може да звучи како мал чекор, меѓутоа проблемите има многу и треба да ги цениме сите поместувања, истакна при денешната посета на болницата во Охрид, рече Клековски.
Од неодамна во Општата болница во Охрид беше повторно востановена редовната педијатриската служба.
- Такви чекори треба да не водат кон тоа што Охридско-струшкиот крај го заслужува. Јас сè уште, според статистиките што ги следиме, можам да кажам дека јавното здравство во овој регион е во најдобра состојба после Скопје, имајќи ги предвид сите болници: Кардиошкиот центар, болницата Св. Еразмо заедно струшките капацитети и мислам дека колку повеќе Охридско-струшкиот регион е самодоволен во однос на јавното здравство, толку подобро не само за граѓаните тука и за целата земја, истакна Клековски. аб/лв/
фото/МИА