Трета фаза од акцијата за темелно чистење на Делчево
- Акцијата прераснува во поширок концепт на брзи и конкретни иницијативи за подобрување на локалната заедница, соопшти градоначалникот Иван Гоцевски
Делчево, 11 март 2026 (МИА) - Третата фаза од акцијата за темелно чистење на Делчево продолжува на терен и прераснува во поширок концепт на брзи и конкретни иницијативи за подобрување на локалната заедница, соопшти градоначалникот Иван Гоцевски.
Како што информираше Гоцевски, во рамки на оваа фаза започнува и иницијативата „Играчите на кратки стази“, која се темели на принципот „Think fast – Act fast“, односно брзо размислување и уште побрза акција за решавање на локалните проблеми.
– Целта е преку кратки и интензивни активности да се создадат практични решенија, да се поттикнат микроиницијативи во заедницата и да се вклучат млади, активисти и институции во заедничка работа, истакна Гоцевски.
Во рамки на денешните активности се работеше на уредување на дел од речното корито на Брегалница, како и на расчистување на кејот покрај реката и централното градско подрачје кај паркот во Ново Делчево.
Паралелно, екипите работеле и на расчистување на повеќе мини депонии и запуштени локации со наталожено ѓубре и обраснати грмушки, кои постепено се уредуваат.
Во паркот во Делчево биле засадени и нови дрвја, како дел од акцијата за збогатување на зеленилото во градот.
Од општината најавуваат дека со подобрувањето на временските услови ќе продолжат активностите за чистење и уредување, при што фокусот ќе биде ставен не само на јавните површини во градот, туку и на дивите депонии пријавени од граѓаните.
Според Гоцевски, преку концептот „Играчите на кратки стази“ се очекува да се појават нови идеи и брзи микроакции кои ќе дадат конкретни резултати, но и ќе придонесат за зајакнување на културата на општествена одговорност и заедничка грижа за градот.
– Заедно го правиме Делчево почисто, поубаво и поодговорно место за живеење, порача градоначалникот. вс/лв/
Фото: МИА