Нов апарат за гастроскопии и колоноскопии за Интерното одделение на охридската болница
- За потребите на Одделението за интерна медицина при Општата болница во Охрид обезбеден е нов ендоскопски апарат со кој се вршат гастероскопии и колоноскопии. Станува збор за набавка спроведена со средства обезбедени од Фондот за здравство.
Охрид, 11 март 2026 (МИА) – За потребите на Одделението за интерна медицина при Општата болница во Охрид обезбеден е нов ендоскопски апарат со кој се вршат гастроскопии и колоноскопии. Станува збор за набавка спроведена со средства обезбедени од Фондот за здравство.
Директорот на Фондот, Сашо Клековски, кој денеска беше во посета на охридската болница посочи дека на национално ниво нема доволен број апарати за ендоскопија, посебно апарати за колоноскопски прегледи. Тој рече дека се прават обиди да се создадат капацитети за реален скрининг на состојбите со малигните заболувања на дебелото црево и да се интервенира онаму каде има услови, да се обезбедува опрема за сите здравствени институции, но прво онаму каде има соодветни кадри.
- Ракот на дебелото црево е се позначаен здравствен проблем во земјата. Ова е еден од чекорите да создадеме инфраструктура за повеќе гастроскопии и колоноскопии...рече меѓу другото Клековски.
Тој рече дека привршуваат мапирањата спроведени со Клиниката за гастроентерохепатологија, за подобрување на здравствените услуги, односно прво да се интервенира со опрема таму каде има специјалисти односно човечки ресурси.
- Машините побрзо ќе се обезбедат отколку што треба за да се обучат специјалисти, супспецијалисти за таа цел. Меѓутоа, очекувам подобрување да има оваа година и во други општини и други општи болници во земјата, додаде Кленковски.
Во Општата болница во Охрид има двајца супспецијалисти по гастроентерохепатологија кои што оперираат, односно ќе работат со новата опрема за ендоскопија. аб/лв/
фото/МИА