• Monday, 09 February 2026

Во Велешко казнети возачи кои возеле без возачка дозвола и со забрана за управување на возило

Во Велешко казнети возачи кои возеле без возачка дозвола и со забрана за управување на возило

Велес, 8 февруари 2026 (МИА) - Велешката полиција приведе двајца возачи без возачка дозвола и трет возач кој управувал со забрана за управување на моторно возило од Б-категорија. Полицијата на сите им ги одземала и возилата.

Како што информираат попладнево од СВР Велес, синоќа  во 22:00 часот на улица „Ристо Попов“ во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода 21-годишниот  Х.Д. од Чашка. При контрола во сообраќајот, било сопрено патничко возило „форд“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Х.Д., при што било констатирано дека го управувал без да поседува возачка дозвола. По насоки на јавен обвинител, тој бил приведен во полициска станица, а возилото било одземено. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

Синоќа во 01:30 часот, по полноќ  на улица „Благој Ѓорев“ во Велес, полициски службеници од Мобилнатa единица за безбедност на сообраќајот на патиштата го лишиле од слобода 28-годишниот М.С. од Велес. При контрола во сообраќајот, било сопрено патничко возило „форд“ со велешки регистарски ознаки, управувано од М.С., при што било констатирано дека го управувал возилото со впишана забрана за управување со моторно возило од Б-категорија. По насоки на јавен обвинител, тој бил приведен во полициска станица, а возилото било одземено. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

Вчера попладне  во 16:10 часот, во село Сојаклари, Велешко, полициски службеници од СВР Велес го лишиле  од слобода 27-годишниот В.И. од Велес. При контрола во сообраќајот, било сопрено патничко возило „сузуки“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од В.И., при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит, а сообраќајната дозвола на возилото била со измината важност. По насоки на јавен обвинител, тој бил приведен во полициска станица, а возилото било одземено. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава,најавија од СВР Велес. ад/мд/

Фото: МИА архива