• Monday, 09 February 2026

Делчево започна со изградба на скејт-парк со средства од ЕУ ИПА програмата

Делчево започна со изградба на скејт-парк со средства од ЕУ ИПА програмата

Делчево, 8 февруари 2026 (МИА) - Општина Делчево започна со реализација на уште еден значаен инфраструктурен проект наменет за младите и развојот на туризмот. Станува збор за изградба на скејт-парк, кој ќе претставува ново катче за рекреација, спорт и забава за младите, но и дополнителна содржина во туристичката понуда на градот.

Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски кој денес изврши увид во градежните работи информира дека проектот е воведен во работа за време на овој работен викенд и претставува директен одговор на потребите на младата популација.

-Овој работен викенд воведуваме во работа уште еден важен проект. Започнавме со изградба на скејт-парк, потреба за младите и катче каде ќе се рекреираат посетителите. Ова претставува уште една понуда спакувана во туристичката приказна на Делчево – рекреација и забава за младите. Вкупната вредност на проектот изнесува 3.029.387 денари, а средствата се обезбедени преку ЕУ ИПА програмата, истакна Гоцевски.

Овој проект е дел од еден од петте проекти кои се реализираат во рамки на прекуграничната соработка со Општина Благоевград од Република Бугарија. Тој нагласи дека двете општини имаат долгогодишна и успешна соработка во користење на европските фондови.

-Општина Делчево и Општина Благоевград се традиционални партнери во прекуграничната соработка и досега заедно имаме реализирано четири проекти од претпристапната помош од ЕУ ИПА програмата, а во моментов го реализираме петтиот проект со вкупна вредност од околу еден милион евра европски средства, истакна Гоцевски.

Според него, средствата кои се инвестираат во Делчево се насочени кон реализација на инфраструктурни проекти што придонесуваат за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во пограничниот регион. вс/сст/

 

Фото: МИА

You May Also Like