• Thursday, 18 July 2024

Хамас и Фатах во јули на средба во Кина

Хамас и Фатах во јули на средба во Кина

Газа, 16 јули 2024 (МИА) - Палестинските ривалски фракции Хамас и Фатах во јули во Кина ќе одржат преговори за единство, изјавија двајца нивни високи претставници.

Претставниците на двете фракции се состанаа во Кина во април за да разговараат за можното помирување што ќе стави крај на 17-годишните политички поделби.

Состаноците се одржуваат во време кога се зголемуваат тензиите меѓу двете фракции поради продолжувањето на војната на Хамас со Израел. Палестинскиот претседател Махмуд Абас, кој го предводи движењето Фатах, претходно ја критикуваше исламистичката група Хамас поради војната, додека Хамас го обвини палестинскиот претседател дека застанува на страната на Израел.

Двете главни палестински фракции имаат несогласување откако Хамас победи на парламентарните избори во 2006 година и ја презеде власта во Појасот Газа во 2007 година по кратката граѓанска војна во која ги порази палестинските сили лојални на Абас.

Арапските земји предводени од Египет оттогаш се обидуваат да стават крај на споровите за поделба на власта меѓу двете палестински фракции, но нивните напори досега беа неуспешни. рп/

Фото: МИА архива