• Thursday, 18 July 2024

Пелоси: Анкетите покажуваат дека Бајден не може да го победи Трамп

Пелоси: Анкетите покажуваат дека Бајден не може да го победи Трамп

Вашингтон, 18 јули 2024 (МИА) - Поранешната претседателка на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, демократката Ненси Пелоси, неодамна му рече на претседателот Џозеф Бајден дека анкетите покажуваат дека тој не може да го победи републиканскиот ривал Доналд Трамп.

Таа, исто така, посочи дека Бајден би можел да ги уништи шансите на демократите да го освојат Претставничкиот дом, ако продолжи со кампањата за втор мандат, потврдија четири извори запознаени со овој разговор, според Си-Ен-Ен.

Според еден извор, американскиот претседател се спротивставил на овој став, велејќи и на Пелоси дека видел анкети кои покажуваат дека може да победи, а друг извор го опиша Бајден како „дефанзивен“ во однос на анкетите. Се наведува дека во еден момент Пелоси го замолила Мајк Донилон, долгогодишен советник на Бајден, да се вклучи во разговорот за податоците од анкетите.

Ниту еден извор не потврди дека Пелоси му кажала на Бајден во разговорот дека верува дека претседателот треба да се откаже од трката во 2024 година. „На претседателот е да одлучи дали ќе се кандидира. Сите го охрабруваме да ја донесе таа одлука бидејќи времето истекува“, рече Пелоси минатата недела. рп/

Фото: МИА архива