83-годишник глумел во спот на Тејлор Свифт без да знае која е таа
- Бари Рејнолдс (83) од Кент учествува во спотот во кој настапуваат и повеќе познати личности, меѓу нив пејачот Луис Капалди и ирскиот актер Домнал Глисон. Тој изјавил дека неговите внуки биле „многу изненадени“ кога дознале дека ќе се појави во спотот, но признал дека во тој момент немал претстава за кого станува збор
Лондон, 25 февруари 2026 (МИА) - Немав поим која е таа, вели 83-годишен Британец кој учествувал во видеоспотот „Опалит“ на Тејлор Свифт.
Бари Рејнолдс (83) од Кент учествува во спотот во кој настапуваат и повеќе познати личности, меѓу нив пејачот Луис Капалди и ирскиот актер Домнал Глисон. Тој изјавил дека неговите внуки биле „многу изненадени“ кога дознале дека ќе се појави во спотот, но признал дека во тој момент немал претстава за кого станува збор. Тој редовно настапува со театарската трупа „ Свети Никола“ („Saint Nicholas Players“) во Рингволд, а ангажманот за видеото го добил преку агенција за актери и модели.
-Ми рекоа дека треба да бидам во северен Лондон во седум часот наутро. Им одговорив дека нема возови, па ми испратија такси, изјавил тој за Еј-Би-Си. Рејнолдс додал дека за Свифт дознал дури откако во весник прочитал за нејзината турнеја, непосредно пред снимањето.
Спотот за „Опалит“ е инспириран од естетиката на 80-тите години и прикажува приказна за осамена жена која со помош на магичен спреј се обидува да го подобри својот живот и да пронајде љубов. Ликот на нејзиниот партнер го толкува Глисон, а Рејнолдс се појавува во улога на судија на танцово натпреварување.
Според него, иако ја оценил со нула, песната била мошне заразна. Тој ја опишал Свифт како „многу мила и сочувствителна“, нагласувајќи дека разговарала со сите учесници, иако обезбедувањето било исклучително строго. Во спотот се појавуваат и водителот Греам Нортон и актерот Килиан Мерфи кој го позајмува гласот зад кадарот. Дел од сцените се снимени во Кројдон.
„Опалит“ е втора песна од 12-тиот студиски албум на Свифт („The Life Of A Showgirl“), кој минатата година беше најпродаван албум во Обединетото Кралство. мв/јт/
Фото: МИА архива