• Wednesday, 25 February 2026

Прво бебе во Велика Британија родено од трансплантирана матка

Прво бебе во Велика Британија родено од трансплантирана матка

Лондон, 25 февруари 2026 (МИА) - Хуго Пауел е првото бебе во Велика Британија родено од матка пресадена од починат донор. На мајката Грејс Бел ѝ била пресадена матка од починат донор во 2024 година. Хуго е роден во декември, со царски рез во болницата Квин Шарлотс енд Челзи (Queen Charlotte's and Chelsea) во Лондон, со тежина од 3,1 килограм.

Грејс е родена со реткиот МРКХ синдром, што значи дека нејзината матка не се развила. Таа го опишува раѓањето како „чудо“ и вели дека никогаш не мислела дека нешто вакво е можно.

Операциите за трансплантација на матка во Велика Британија ги финансира добротворната организација  Вум Трансплант Ју-Кеј (Womb Transplant UK) и чинат околу 30.000 фунти. Зафатите се изведуваат во слободно време на докторите, а здравствената служба ја презема грижа дури откако пациентката ќе забремени. Досега се извршени пет трансплантации во земјата, со две родени бебиња - од жив и од починат донор. 

Во знак на благодарност, Хуго доби две средни имиња: Ричард, по професорот Ричард Смит, и Норман, по неговиот прадедо. Професорот Смит, кој присуствувал на породувањето, рече дека бил „трогнат до солзи“. Родителите на бебето биле среќни и благодарни поради божјото „чудо“.мв/јт/

Фото: Јутјуб- принтскрин