• Wednesday, 25 February 2026

Отворениот стан - илузија на модерното живеење

Отворениот стан - илузија на модерното живеење

Лондон, 25 февруари 2026 (МИА) - „Становите со отворен план станаа еден од највидливите трендови на современото живеење, речиси симбол на модерниот животен стил. Идејата за спојување на кујната, трпезаријата и дневната во еден голем, флуиден простор се појави како одговор на промените во начинот на живот. Помалку формалности, повеќе дружење, флексибилност и чувство на слобода. Но, зад привлечната слика на пространи и светли ентериери, често се кријат и бројни замки, кои стануваат очигледни дури кога во таквиот простор навистина ќе се живее“, пишува  Хоумс енд Гарденс (Homes & Gardens).

Најголемата предност на концептот „отворен простор“ е токму чувството на просторност. Дури и помал стан може да изгледа значително поголем кога се отстрануваат ѕидовите и преградите. Светлината слободно се шири, нема темни ходници или затворени агли, а просторот добива „воздушност“. Особено е важно тоа во урбаните средини, каде квадратите се скапи и каде луѓето сакаат целосно да имаат удобност. 

Отворениот план ја олеснува комуникацијата меѓу членови на семејството: личноста која готви не е изолирана, туку може да разговара со гостите или да ја следи играта на децата во дневната. За семејства со мали деца, ова често изгледа како идеално решение, бидејќи родителите имаат визуелен увид во случувањата во станот. За љубителите на дизајн, „отворениот простор“ нуди големи можности за креативно уредување. Еден голем простор полесно се обликува во целина: стилот е усогласен, боите се надоврзуваат, а мебелот може да се поставува флексибилно, без ограничувања од ѕидови.

Таквиот концепт поддржува и минималистички пристап -помалку предмети, повеќе простор за движење и „дишење“. Во тој контекст, отворениот план не е само архитектонско решение, туку и одраз на современа филозофија на живеење која тежнее кон едноставност и отвореност. Сепак, иако ваквиот простор делува најслободно, се крие и неговата најголема слабост - недостаток на приватност. Во стан без прегради речиси невозможно е да се повлечете во својот мир. Звуците се шират неконтролирано: телевизорот, разговорите, кујнските апарати - сето тоа се меша во еден непрекинат шум.

За оние кои работат од дома, читаат или едноставно сакаат тишина, премногу отворен простор често станува извор на фрустрација. Во пракса, животот во таков стан е предизвик, бидејќи бара постојано прилагодување на другите. Кујната станува „на повелете“. Мирисите од готвење, пареа и неред стануваат дел од дневниот простор. Она што на сликите во магазини изгледа чисто и стилизирано, во реалноста честопати изгледа и мириса сосема поинаку.

Ако постои можност, особено кај куќи, ефикасно е да се комбинира отворено приземје со одделени спални на кат. На тој начин, дневниот простор, кујната и трпезаријата се пространи и светли, додека спалните и евентуално работниот кабинет обезбедуваат интимност и приватност.

„Уште еден проблем е што големите отворени простори се потешки за загревање и ладење. Топлината се расипува, клима-уредите работат поинтензивно, а сметките за струја и греење се повисоки. Контролата на климата е потешка - еден сака потопло, друг послабо загреано, а компромисот е неизбежен, пишува порталот Дан енд Стоун Билдерс (Dunn & Stone Builders).

Психолошкиот аспект е интересен: иако концептот изгледа ослободувачки, постојаното изложување на другите може да создаде чувство на заситеност. Луѓето природно имаат потреба од свои „територии“, мали зони на интимност, кои во отворените станови често остануваат незадоволени. Ваквиот начин на живот не е универзално решение. За млади парови или за луѓе кои често примаат гости, просторот може да биде идеален, но за семејства со постари деца или за оние кои работат од дома, може да биде непрактичен. Често станува практика отворениот план да се „разбие“ со клизни врати, паравани или стаклени прегради, за да се создаде барем минимална поделба.

Ваквото уредување не е само естетски тренд, туку и економско решение. По Втората светска војна, посебно во САД, архитектите барале начин да се добие повеќе простор со помалку ѕидови и материјал. Подоцна, концептот се „продаде“ како „животен стил“. Интересно, иако е замислен како простор без граници, современите трендови сè повеќе се насочуваат кон „разбивање“ на просторот: теписи, осветлување, различни нивоа на подот, полици, па дури и стаклени ѕидови создаваат илузија на одделени зони. Луѓето инстинктивно се обидуваат да ја вратат структурата и интимата што ѕидовите порано ја обезбедувале, без да се наруши отвореноста.

Од сето ова може да заклучиме дека најголемата предност на „просторот без ѕидови“ отвореноста е истовремено и неговата најголема мана. Таа создава чувство на простор, но ги отстранува границите што многумина ги сметаат за неопходни за да се чувствуваат „вистински“ во својот дом. мв/јт/

Фото: Пиксабеј