„Парамаунт“ ја зголеми понудата за „Ворнер брос“, го оспорува договорот со „Нетфликс“
- Конкурсот влијае и на „Си-ен-ен“, којшто често критички известува за Доналд Трамп. Тој изјави дека мрежата треба да ги промени сопствениците.
Лос Анџелес, 25 февруари 2026 (МИА) - Холивудскиот гигант „Парамаунт“ ја зголеми својата понуда за „Ворнер брос дискавери“, интензивирајќи ја битката за преземање на целата продукциска куќа со стрим-платформата „Нетфликс“.
Одборот на „Ворнер“ во вторник изјави дека ќе го разгледа ревидираниот предлог на „Парамаунт“ за да утврди дали е подобар од понудата за студиото што веќе е договорена со „Нетфликс“. Според постојниот договор за спојување, „Нетфликс“ ќе има четири дена да поднесе контрапонуда доколку одборот го оцени предлогот на „Парамаунт“ како подобар. Конкурсот влијае и на „Си-ен-ен“, којшто често критички известува за Доналд Трамп. Американскиот претседател во декември изјави дека мрежата треба да ги промени сопствениците. „Парамаунт“, инаку, минатата година беше купена од семејството на Лари Елисон, кој важи за сојузник на Трамп, што според некои познавачи, „предизвикува загриженост за уредувачката независност“ на „Си-ен-ен“, пренесува ДПА.
„Парамаунт“ ја зголеми својата понуда во готово за целата компанија, од 30 долари на 31 долар по акција. Спротивно на тоа, „Нетфликс“ се стреми да ги купи само студијата и стрим-бизнисите на „Ворнер“ за околу 83 милијарди долари. Според тој план, телевизиските мрежи на „Ворнер“, вклучувајќи ја и телевизијата „Си-ен-ен“, ќе бидат одвоени во посебна компанија.
„Парамаунт“ понуди 108,4 милијарди долари за целата групација, но вети и надомест за обратно разделување од 7 милијарди долари доколку регулаторите ја блокираат трансакцијата. Претходно се обврза да ја покрие таксата за раскинување од 2,8 милијарди долари што „Ворнер“ ќе му ја должи на „Нетфликс“ доколку се откаже од постојниот договор.
Останува нејасно дали ревидираната понуда ќе предизвика нова рунда зголемување на цените. Тед Сарандос - еден од извршните директор на „Нетфликс“, ја намали важноста на оваа можност минатата недела, изјавувајќи за „Варајети“ дека стрим-платформата претходно претпочитала да се повлече отколку да плати повеќе.
Управниот одбор на „Ворнер“ продолжува да им препорачува на акционерите да го одобрат договорот со „Нетфликс“, а гласањето е закажано за 20 март. Компаниите потпишаа обврзувачки договор на почетокот на декември за студиото и средствата за стрим. „Парамаунт“ им се обрати на акционерите неколку дена подоцна со својата конкурентска понуда за целата компанија. си/јт/
Фото: МИА архива